Канческа-Милевска ќе се обрати на Струшките вечери на поезијата

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Центарот за култура во Струга ќе се обрати на отворањето на 52-то издание на реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“.

Претходно во „Спомен-домот на браќата Миладиновци“, министерката за култура ќе оствари средба со претседателот на Комитетот за култура на Парламентот на Унгарија, Ласло Шимон, кој е гостин на годинашното издание на поетскиот фестивал, по што ќе присуствуваат на поставувањето на биста на еден од најголемите унгарски поети, Шандор Петефи, подарок од Министерството за култура на Унгарија.

Поетскиот фестивал во Струга започна утринава со засадување дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот, мексиканскиот поет, романсиер, преведувач и критичар, Хосе Емилио Пачеко. Добитникот на „Златниот венец на поезијата“, кој од синоќа е во Струга, имаше можност да го запознае градот во кој годинава на големата манифестација со светско реноме ќе присуствуваат 50-ина странски поети, директори на фестивали и на значајни асоцијации и издавачи од Мексико и од регионот.

Меѓу гостите на Струшките вечери на поезијата се и истакнатата данска поетеса и академик, Пиа Тафдруп, повеќе реномирани поети од Израел, Египет, Франција, Кина, Русија, Турција, Словачка, Романија, Шпанија, Чиле, Англија, Индија, Полска, Германија, како и поети од земјава и од регионот. 

 

22.08.2013 - 12:17
Фото: 
влада.мк

најчитано сега