Александрова: СЈО и СДС вршат притисоци незаконските снимени и монтирани разговори да бидат прифатени како доказ во политичкиот мотивиран прогон

СЈО е институција која работи за Заев и СДС. Сакаат да го легализираат криминалот на Заев и Верушевски кои со останатите обвинети во случајот Пуч незаконски следеа телефонски разговори и потоа ги вадеа од контекст и монтираа за да креираат хајка против ВМРО-ДПМНЕ. СЈО и СДС сега вршат притисоци овие незаконски снимени и монтирани разговори да бидат прифатени како доказ во политички мотивираниот прогон на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери, изјави денес Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ.

-Зоран Заев изврши низа криминални дела за кои согласно Устав и закон треба да одговара. Заев беше спасен од одговорност од СЈО, кое неколкукратно го прекрши законот само за да го амнестира за сторениот криминал по втор пат. Барањето на СЈО за прифаќање на нелегално прислушкуваните и монтирани разговори кои Заев нелегално ги објавуваше, е срамно и без никаква правна логика. Тоа е обид за покривање на антидржавното делување на Заев повеќе од две ипол години, вели Александрова.

Таа истакнува дека политичкиот притисок за истото барање на СЈО да биде прифатено од страна на Апелациониот суд беше огромен и со истиот судот беше принуден да донесе нелогична одлука, со сомнително образложение кое е незаконско и крајно неаргументирано, спротивно на член 12 став 2 од законот за кривична постапка. Истото е ноторен пример за целта на СЈО да го легализира криминалот на Заев.

-Легализацијата на криминалите на Заев, за СЈО е уште еден инструмент во крајната цел за неосновано политичко оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините функционери во очите на јавноста преку медиумите под партиска комтрола на СДС. Токму затоа, без логично образложение, под политички притисок врз судот, беа одземени и патните исправи на дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Така сакаат да создадат негативна слика во јавноста за истите, вели таа.

Александрова додава дека барањата за одземање на патните исправи беа целосно неосновани и без соодветна аргументација, истите не беа со цел да се задоволи правото, туку желбата за политички прогон на поедини личности кои застанале во одбрана на Република Македонија, нејзините државни и национални интереси.

-СЈО и институциите под контрола и влијание на СДС кои работат надвор од законот, односно прекршувајќи го истиот со цел исполнување на политичките нарачки на одредени лица треба да знаат дека за своите нелегални активности и одлуки ќе бидат санкционирани веднаш по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и повторното воспоставување на правната држава и владеењето на правото во институциите. Сите криминалци и прекршители на законот ќе одговараат. За криминалите и антидржавните дејствија кон државата и нејзините граѓани мора да има соодветни санкции, изјави Александрова од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

 

14.08.2017 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега