Втор ден уписи на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип

Над 700 идни студенти вчера и денеска  доставиле апликации за упис на 12-те факултети и трите академии на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип за академската 2017-2018 година.

Проректорот на УГД-Штип Кирил Барбареев денеска на прес-конференција рече дека најголем интерес има на Факултетот за медицински науки, каде што над 200 кандидати со постигнатиот успех од средното образование се борат да влезат во државната квота.

– На Факултетот за медицински науки имаме одлични ученици од повеќе места од Република Македонија и, веројатно, поголем дел од нив сакаат да бидат сигурни дека во првиот уписен рок ќе влезат во државната квота.  Имаме повеќе од 700 кандидати и тоа е согласно она што беше и минатата година и пред две години, така што очекуваме првиот уписен рок да биде некаде межу 1500 и 1700 студенти, а со вториот и третиот уписен рок да имаме од 2300 до 2500 кандидати, рече Барбареев.

Тој истакна дека интерес за студирање на Штипскиот универзитет има и од странски студенти.

– Процедурата е таква што тие ги поднесуваат документите во Министерството за образование и наука. Во контакт сме со десетици кандидати од Турција, Србија, Бугарија, има и Македонци со завршено средно образование во Словенија кои, исто така, се заинтересирани за упис на универзитетот „Гоце Делчев“. Но, таа процедура е дополнителна и се надеваме дека ќе влезат во првиот уписен рок, рече Барбареев.

Уписите на идни студенти во прва година на Универзитетот „Гоце Делчев“ продолжуваат до петок. Резултатите ќе бидат објавени на 23 август.

 

 

 

15.08.2017 - 15:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега