ФОТО: ДСКС: Зврлевски, законски не може да биде разрешен

Државниот јавен обвинител не треба да се менува, барем до локалните избори, вели Антикорупциската комисијата; Спикерот на Собранието вели дека ова тело нема моќ да му наложува на Парламентот како да постапува.

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) смета дека државниот јавен обвинител Марко Зврлевски не треба да биде разрешен од Собранието бидејќи веќе се распишани избори кои треба да се одржат на средината на октомври.

Антикоурпционерите вчера одржале седница, а одлуката била едногласна.

„Како и за претходните изборни циклуси ние одлучивме дека не треба да има ниту именувања ниту разрешувања по распишување на изборите. Тоа беше мислење во четири или пет изборни циклуси, на тоа мислење остануваме и овој пат“, велат од ДКСК.

Тоа мислење било денеска доставено до Собранието, на барање од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела да даде толкување на членот 8 од Изборниот законик, според кој од распишувањето на изборите, во овој случај локални, до конституирање на советот на општините и градот Скопје, не смее да има вработувања или разрешувања во државната администрација, а започнатите постапки се ставаат во мирување.

Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека мислењето на Комисијата нема влијание врз работата на Собранието. Не може органот што го избрал Собранието да му кажува сега на Собранието како да работи, кажа тој, додавајќи дека дека ако некои пратеници имаат дилема, според собранискиот деловник може да побараат автентично толкување на Изборниот законик и оти Антикорупциската комисија е сервис на извршната власт, а не на законодавна.

Владата уште на почетокот на јуни ја почна постапката за разрешување на обвинителот Марко Зврлевски поради несовесно и ненавремено постапување. Нивното мислење дваесетина дена беше во Судскиот совет кој првично му даваше поддршка на обвинителот, за на крајот да го уважи барањето на Владата.

По 12 продолженија на седницата со точката на дневен ред не е на повидок завршница. Гласањето е одложено заради незавршената дискусија, пријавени главно од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Дискусии во пратенички групи, реплики, контрареплики и процедурални забелешки на теми кои не се директно врзани со темата на дневен ред до сега успешно ја блокираат намерата прашањето да биде изнесено на гласање во Собранието.

 

 

 

 

 

16.08.2017 - 17:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега