Отчет на градоначалникот на Гевгелија: Општината и во иднина ќе продолжи да се развива со исто темпо
Како градоначалник на општина Гевгелија, дозволете ми, гевгелиската и македонската јавност да ја запознаам со сработеното во изминатиот период. Заедно со Вас, почитувани сограѓани, изминатите четири и пол години изодевме многу важна етапа од долгиот и макотрпен пат кон заедничката цел – создавање на успешна, просперитетна и развиена општина Гевгелија, ова во својата отчетност го изјави градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов.
Во продолжение следува интегрален текст од отчетот на градоначалникот на Гевгелија:
Како градоначалник, заедно со општинската администрација и со Советот на општина Гевгелија, но, и со вашата поддршка, помош и извонредни идеји и иницијативи, почитувани сограѓани, ги остваривме не само ветените проекти од изборната програма, туку и реализиравме нови , кои не беа опфатени во програмата.
Ваквите остварувања се должат на посветеност, отвореност, одговорност и отчетност во работата.
Со ова на најдиректен начин покажавме дека во нашето работење најважно ни беше да ги оправдаме очекувањата на граѓаните на општина Гевгелија и нивната доверба, но и да им покажеме дека одговорно, транспарентно и чесно сме го трошеле секој нивен денар, кој влегол во буџетот на општината.
Ветено и сработено беше нашето мото. Она што го ветивме беше реално и остварливо.
Отчетот кој денес Ви го презентирам е најдобар доказ за тоа.
Доказ дека работата носи подобро.
Од планираните 160 проекти во изборната програма со која ја добив Вашата доверба, во изминативе години беа реализирани 246 проекти.
Гевгелија и општината добија нова Автобуска станица, нов Градски пазар, нова патна инфраструктура кај граничниот премин Богородица, уреден заштитен канал Рауљ, нов дел од Западен булевар со целосна патна и комунална инфраструктура.
Само во овие пет капитални зафати беа вложени 3.625.000 евра, главно, сопствени средства.
Со финансиска поддршка од Владата на РМ беа изградени фекални канализации во населени места Давидово, Моин, Мрзенци и Прдејци, натпатник на автопатната делница кај Милци, нова училишна спортска сала во ООУ„Климент Охридски“ во Миравци и ново мултинаменско игралиште и фитнес зона во Гевгелија, нови улици во Мрзенци и дел од патот Негорци-Серменин.
За подобрување на патната инфраструктура во опшштината беа изградени 20 нови локални патишта и улици, во должина од 21.6 км, во вредност од 3.231.378 евра, додека беа реконструирани 34 улици, во должина од 16 км, во вредност од 654.336 евра, а беа изградени и три нови кружни текови.
Изградени се 5 нови водоводни линии во должина од 1600 метри, 32 атмосферски и фекални канализации, во должина од 6.2 км, чија вредност заедно со новите канализациони линии изнесува 1.872.173 евра.
Во изминатите четири ипол години извршена е реконструкција во 8 училишта, во вредност од 205.399 евра, изградена е нова детска градинка во Богородица во вредност од 70.000 евра, заменети се азбестните покриви со панел елементи и поставена е термо изолациона фасада во четири детски градинки.
Изградени се четири нови детски игралишта во населените места, а уреден е дел од Вардарскиот рид со поставување на еко патека, видиковци, кула за набљудување и друга урбана опрема.
Што е уште позначајно на крајот од четиригодишниот мандат почна реализацијата на неколку капитални проекти, со кои целосно се решава инфраструктурната слика на Гевгелија како модерен град.
Започна изградбата на нов водоснабдителен систем во Гевгелија, во вредност 1.677.459 евра, кој до крајот на ноември треба да обезбеди доволни и квалитетни количества на вода за пиење.
Исто така, почна изградбата на Конска брана, еден од долгонајавуваните капитални зафати во овој регион.
Изградбата на Пречистителна станица за фекални води крај Вардар, во вредност од 9.7 милиони евра, е во завршна фаза.
Во Прдејци се гради нова детска градинка, а претстои и доградба на зградата на СОУ„Јосиф Јосифовски“ со нови 14 училници, проект кој веќе е одобрен од Светск банка.
Стартуваше и проектот за уредување на туристичкото излетиште Динќут во место за спорт и рекреација, а во тек е тендерот за изградба на Времена депонија за комунален отпад.
Со реализацијата на овие започнати или пак проекти во завршна фаза, Гевгелија и општината всушност ги решаваат најголемите инфраструктурни потреби на една урбана средина.
Но, и покрај тоа, општина Гевгелија ќе продолжи да се развива со исто, а се надевам и со побрзо темпо, на сите полиња на живеење, затоа што, вие, граѓаните на општина Гевгелија, тоа го заслужувате.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа