ВМРО-ДПМНЕ: Воведувањето работење во две смени во градинките не може да се реализира без нови работни места

Воведувањето на работа во две смени не може да се реализира без нови работни места и невозможно е тоа да профункционира во градинките во Република Македонија, стои во денешната пишана реакција од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Јагода Шахпаска од СДСМ.

Ова, како што посочуваат од  ВМРО-ДПМНЕ, не е предвидено во ребалансот за буџетот за 2017, кој е донесен од Владата предводена од СДСМ.

- Изградба на една помала градинка која би згрижила 50 дечиња чини околу 150.000 евра. За изминативе неполни три месеци Владата на СДС од девизните резерви и од распишаните аукции на државни хартии истроши 334 милиони евра. Со парите со кои СДС ја задолжи државата можеше да се изгради над 2.500 градинки, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ со обвинение дека откако СДСМ стапи на власт ништо не стори за граѓаните.

- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година до 2015 година правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице го зголеми за 32,7 отсто. Правото на додаток на слепило е воведено од 2012 година за потполно слепи лица, односно лица кај коишто постои оштетување на видот од 98 отсто до 100 отсто, со навршени 26 години. Месечниот износ на додатокот изнесуваше 7.000 денари, се наведува во соопштението.

Правото на додаток на мобилност, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, е воведено од 2012 година за лица со 100 отсто телесен инвалидитет кои самостојно користат инвалидска количка со навршени 26 години, лица со квадриплегија или со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој кои користат инвалидска количка со придружник.

- Социјалната парична помош во просек од 2006 година до 2015 година се зголеми за 61,8 отсто. Во 2006 година социјалната парична помош во просек изнесуваше 2.900 денари, додека во 2015 година изнесува 4.692 денари, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ. 

 

 

 

27.08.2017 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега