Официјална Атина со мали очекувања од посетата на Коѕиас на Скопје

Официјална Атина ги држи на ниско ниво очекувањата од посетата на министерот за надворешни работи Никос Коѕиас на Скопје кој пак засега, не открива никакви детали за разговорите што ќе ги води за време на неговата возвратна посета, пишува „То Вима“.

Според информациите на весникот, Атина „ќе се обиде да се движи на средна линија, каде од една страна, нема да дозволи македонските власти да ја монополизираат нејзината конструктивност, и од друга страна, ќе покаже дека се уште не се создале услови за брзо решавање на прашањето за името“.

„То Вима“, како и сите грчки медиуми досега, информира дека Коѕиас и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров ќе разговараат, пред се, за мерките за градење доверба, но Атина, „наводно, е решена да ги потенцира и провокативните потези на Скопје, како што беше случајот со македонскиот конзул во Торонто, Палашевски“.

„Се разбира, тешко е да се поверува дека двајцата министри нема воопшто да разговарат за името“, пишува весникот, додавајќи дека не се очекуваат никакви изненадувања.

Како што претходно јави МИА, грчки дипломатски извори уште минатата недела рекоа дека посетата на Коѕиас на Скопје ќе биде добра можност да се рaзменат мислења за последните случувања во регионот, но и уште повеќе да се промовира соработката меѓу двете земји и изградбата на клима на доверба. Според истите дипломатски извори, главната тема во разговорите на Коѕиас во Скопје ќе биде имплементација и проширување на Мерките за градење доверба со цел да се помогне за подобрување на односите меѓу двете земји.

Грција, како што повторија претставници на грчкото МНР, „останува посветена на подобрување на соработката меѓу двете земји, придонесувајќи за консолидација на култура на консензус и компромис со цел стабилност внатре во Македонија и на регионално ниво“.

 

 

 

29.08.2017 - 10:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега