Стојаноска: Ова е најтрагичната недела во историјата на македонското здравство

Колку детски животи треба да згаснат за Таравари да сфати дека тој и Зоран Заев се неизлечива болест за македонското здравство? Уште колку семејства треба да останат без потомство за Таравари да сфати дека здравствениот систем не е негов фејсбук или твитер профил на кој ќе си објави некој фејсбук бисер на кој што ќе му кликаат лајкови најблиските? Неговата несериозност и неодговорност значи несреќа и трагедија за огромен број луѓе. Пациентите почнаа да се плашат од самата помисла дека треба да побараат помош во болница за себе или за своите најмили. Уште колку комисии треба да формира Таравари за да не убедува дека немало лекарска грешка, наместо да има грам морал и да признае дека лично тој е најголемата грешка, запраша Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Медиумите вчера известија дека уште едно бебенце починало. Објавија дека згаснал уште еден детски живот за кој што министерството за здравство се обиде да премолчи и да го сокрие. Јавно прашуваме, дали има регистрирано случај во кој што бебенце починало при транспорт од Охрид кон Скопје? Дали е точно дека после неуспешниот обид да биде реанимирано, бебенцето починало во Кичевската болница? Ова е најтрагичната недела во историјата на македонското здравство. Осум детски животи згаснаа поради неспособноста и хаосот кој го направи СДС и Таравари. Здравството е во хаос. За ваквата состојба по клиниките виновиците се познати: Таравари, Заев и нивните партиски полтрони, подвлече Стојаноска.

Партиските послушници, додаде таа, го руинираа здравствениот систем.

-ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше на последиците од неспособноста на ужасните кадровски решенија на Таравари и СДС кои беа донесени на сметка на професионалците кои си ја знаат работата. Сега предупредувањата почнаа да се гледаат. За жал цената на инаетењето и неспособноста на СДС почна да се плаќа со човечки животи. Министерот за трагедии Таравари цела недела не излезе во јавност да ги каже причините за овој црн биланс и наместо тоа се обидува да ги прикрие работите. Јавноста заслужува одговори. Јавноста сака да знае дали некој ќе понесе одговорност па макар била таа и морална.

СДС, според Стојаноска, создаде невиден хаос кој најдиректно ќе го почувствуваат пациентите и на долг рок ќе придонесе за падот на квалитетот на услугите во здравството.

-За три месеци колку што е на власт Таравари и СДС успеа да го вратат здравството 20 години назад кога болниците беа синоним за хорор и ужас. Министерот за трагедии Таравари наместо да дели лекции на фејсбук и да објаснува на кои медиуми треба да им се верува и да дели лекции по новинарство треба да се извини и да си поднесе оставка. Одговорност за ваквите постапки мора да има и ќе има. Заев и Таравари не смеат да си играат со животот и здравјето на граѓаните и поради ова ќе следи казна на 15-ти октомври.

 

 

 

 

30.08.2017 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега