Трпески: Неодговорното работење на Жерновски се покажа на виделина

Андреј Жерновски и СДС во овие 4 години откако се на власт во општина Центар потрошија околу 100 милиони евра, а граѓаните не видоа сериозни проекти сработени за ова време. Расипничкото и неодговорното работење на Жерновски се покажа на виделина, изјави денес Сашо Трпески, советник во Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ.

-Жерновски е типичен пример како не треба да изгледа еден градоначалник. Граѓаните освен тоа што не видоа сериозни проекти, сведоци се и на намаленото ниво на хигиена во општината за разлика од пред 4 години, вели советникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Трпески вели дека сакаат да ги потсетиме Центарци на следното:

Пред околу 4,5 години, пред да стапи на функција градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски во својата програма за работа го напиша следното:

„Неопходно е организирано, систематско и континуирано општинско интервенирање заради подигање на квалитетот на комуналните услуги на едно пристојно ниво, соодветно на потребите и имиџот на општина Центар“.

Сега, после 4 години од ова негово ветување, сакаме да ги прашаме граѓаните:

  • Дали е подигнат квалитетот на комуналните услуги во општина Центар од страна на градоначалникот Андреј Жерновски?
  • Дали е подобрен имиџот на општината во однос на хигиената и комуналните услуги?

-Многу граѓани изразуваат негодување од тоа што за разлика од пред 4 години, сега општина Центар е многу понечиста на местата каде општината треба да се грижи. Доказ за тоа е и оваа локација, Зелено пазарче, каде може лично да ја видиме состојбата на дело. Исто така, пред една година градоначалникот јавно го истакна следното: „Општината се обврзува дека ниту еден дел од Центар нема да им избега на водата и четките од машините, тоа значи чист Центар дење и ноќе, на цела територија, 365 дена во годината“. Јавно од ова место го информираме Градоначалникот: Господине Градоначалник Жерновски, ова место Ви избега од водата и четките од машините. И не само ова место. За жал во Центар има многу вакви места. Центар е многу повалкана општина откако вие дојдовте на власт. Пред избори многу се ветува, а кога ќе се добие довербата, некој квалитетно заборава на ветувањата, вели советникот од Општина Центар.

Трпески додава дека граѓаните знаат да ги препознаат ваквите лажни ветувања и штетни политики на Жерновски и СДС.

-Жерновски ќе остане запаметен како најнеуспешниот градоначалник. Поради ваквото неработење и неодговорност кон граѓаните ќе има казна. Центарци нема повеќе да дозволат да бидат излажани. Затоа на 15-ти октомври Центарци ќе кажат НЕ на Жерновски, на СДС и на нивните штетни политики, посочува Трпески.

 

 

 

31.08.2017 - 12:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега