Перински: За 100 дена СДС ја задолжи државата над 170 милиони евра, а нема ниту еден проект

Под палката на Социјалдемократскиот сојуз финансискиот систем е на стаклени нозе, а економијата почнува да го доживува својот крах. Социјалдемократскиот сојуз најави ново задолжување во вторник со што ќе ја задолжи државата за нови 27 милиони и 600 илјади евра, истакна Златко Перински, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.

-Владата на Зоран Заев и Социјалдемократскиот сојуз им подготвуваат на граѓаните ново задолжување на 5-ти септември во висина од 27 милиони и 600 илјади евра. Потенцирам за 27 милиони и 600 илјади евра Социјалдемократскиот сојуз ќе ги задолжи граѓаните и со тоа во првите 100 дена сумата за која ја задолжија државата се искачува над 170 милиони евра. Нови 27 милиони и 600 илјади евра ќе ги чини граѓаните неспособноста на владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз. Социјалдемократскиот сојуз ја задолжија државата 170 милиони евра, а во меѓувреме се стопираат изградби на автопати, градинки, факултети. Нема изградба на водоводи, училишта, патишта, студентски домови.

За 100 дена, додаде Перински, владата задолжи над 170 милиони евра, и од државните резерви стопи цели 177 милиони евра, а нема ниту еден проект што е реализиран или започнат со реализација.

-Тоа се над 350 милиони евра, за кои никој не знае каде завршиле и каде треба да завршат. Социјалдемократскиот сојуз во очи на избори забрзано се здолжува, без да каже каде ќе одат парите, кои утре треба сите ние заедно да ги враќаме? Социјалдемократскиот сојуз отвара сомнеж за можна изборна корупција, за кое претставниците на меѓународната заедница и меѓународните организации не смеат да останат неми. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите чинители на изборниот процес внимателно да го набљудуваат ваквото однесување на Социјалдемократскиот сојуз со државните пари.

Граѓаните, според него, мора да знаат каде ќе завршат новите 27 милиони и 600 илјади евра, кои тие ќе треба да ги враќаат.

-Граѓаните мора да знаат која е додадената вредност што ќе произлезе од трошењето на овие 27 милиони и 600 илјади евра за Република Македонија и за нејзините граѓани? Или и овие пари како и претходните 145 милиони кои ги задолжи владата ќе завршат во непознато. Владата не им одговори на граѓаните каде ги потроши досега задолжените 145 милиони евра. Владата не им одговори на граѓаните каде отидоа 177 милиони евра кои испарија од државните девизни резерви. Владата молчи и не кажува и на што ќе ги троши и овие нови 27 милиони и 600 илјади евра кои ќе ги задолжи граѓаните во вторник, подвлече Перински и додаде:

„Владата се однесува расипнички и ја става иднината на граѓаните и државата на коцка. Владата во период пред избори задолжи милиони евра за кои никој не знае кај завршиле и каде допрва ќе завршуваат. Социјалдемократскиот сојуз ќе одговара за ваквото расипничко однесување со парите на граѓаните. Граѓаните ќе ги казнат Социјалдемократскиот сојуз за коцкањето со државата на претстојните локални избори на 15-ти октомври“.

 

 

 

 

31.08.2017 - 14:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега