Груевски се сретна со Коѕиас
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Коѕијас.
На средбата, како што се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, било разговарано за односите меѓу двете држави, за актуелната политичка состојба, како и за состојбата со мигрантите и повеќе заеднички предизвици од регионален контекст.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека партијата се залага за развивање на добрососедска политика базирана на принципиелна основа и меѓусебно почитување.
Груевски посочил дека мерките за соработка и градење на доверба меѓу двете држави кои ги воведе и започна владата на ВМРО-ДПМНЕ придонеле за релаксирање на заедничките односи и дека истите треба да бидат продолжени од актуелната влада.
Од страна на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, било истакнато дека стратешки интерес преставува членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО алијансата за што во изминатиот период беа направени бројни реформски процеси и достигнувања во повеќе сфери.
Соговорниците, меѓу другото, размениле искуства и мислења за проблемот со мигрантите кој што останува регионален предизвик чиј што интензитет во иднина може да предизвика последици за земјите во регионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа