Делев: Стратезите на СДСМ недоволно ја познаваат економијата, за само три месеци од буџетот фалат 500 милиони евра
ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите панел дискусии, денеска на панелот говореше поранешниот заменик министер за економија Христијан Делев, говореше за економската политика на новата Влада. Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ кога дошле на власт, стапката на невработеност била 35-36 проценти, која е преполовена, но како што вели тој се уште е висока и треба да се работи.
-При релативно висока стапка на невработеност, ниски плати, да се прави концепт за покачување на потрошувачката нема никаква логика. Тоа само кажува дека стратезите во СДСM недоволно ја познаваат економијата, односно немаат широки познавања од таа макроекономска ситуација или макроекономско менаџирање на целата таа економија, изјави Делев.
Тој напомена дека тие можеби имаат некои познавања, како што е случајот со вицепремиерот Кочо Анѓушев, но на микроекономско ниво, односно менаџирање на своите фирми, но дека менаџирањето на економијата е нешто сосема различно.
-Да не зборувам за сегашниот министер за финансии кој што мислам дека ги нема основните познавања од економијата и затоа можеби и одиме во тој погрешен правец. Целиот тој концепт почна со изборите и целата таа нивна политика тогаш се донесе, ние сега тоа после само три месеци од владеењето на СДСМ, ние тоа го чувствуваме и граѓаните секој ден се сведоци на се поголемите задолжувања, изјави Делев.
Тој кажа дека со ребалансот на буџетот наместо да се обидат да одбегнат вакво задолжување, тие направиле мала шминка со која задоволиве одредени хирови на луѓе од партијата.
-За само три месеци во буџетот фалат околу 500 милиони евра, што е една сериозна бројка за држава како Македонија и за економија како Македонија, изјави Делев.
Тој смета дека последните потези кои власта ги прави со затварање на локали, нешто за што се противеа цело време во предизборниот период, се само очајнички обиди за полнење на буџетот. Делев истакна дека проблем број еден поради кои фалат тие средства е што од страна на новата власт се прекинати сите големи инфраструктурни проекти.
-Инвестициите во градежништвото, во инфраструктурата се најголем генератор на приходи во буџетот. Се проценува дека повеќе од 25 проценти од приливите на буџетот доаѓаат од инфраструктурни проекти, ако тоа застане цела економија застанува. Тоа впрочем во Република Македонија, затоа имаме такво намалување на приходите во буџетот, изјави Делев.
Делев кажа и дека ако сето тоа продолжи вака ние годината ќе ја завршиме со дефицит од 600 милиони евра, што е сериозен проблем за Република Македонија, според неговите зборови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа