ВМРО-ДПМНЕ: Анѓушев ја користи функцијата за богатење преку своите фирми

Кочо Анѓушев својата работа како вицепремиер за 100 дена сака да ја наплати со 2.6 милиони евра, од парите на граѓаните. Кочо Анѓушев ја користи функцијата вицепремиер во владата на Заев за енормно да се богати, полнејќи ги своите приватни сметки и сметките на своите фирми, изјави на денешната прес-конференција од ВМРО-ДПМНЕ.

-Анѓушев се обидува преку државното претпријатие ЕЛЕМ да си додели тендер од 2.6 милиони евра на својата компанија „Фероинвест“. Доделувањето на тендерот од страна на државата чиј репрезент е Анѓушев, на компанијата „Фероинвест“, чиј сопственик е исто така Анѓушев е класичен пример за судир за интереси. Во конкретниов случај Анѓушев е заинтересирана странка и во двете страни од договорот. Ова е скандал и класичен пример за бандитизам и богатење со парите на граѓаните. Ваквиот бандитизам со парите на граѓаните е невиден во друга демократска држава и претставува класична злоупотреба на функцијата, истакнаа од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека граѓаните се фрапирани од односот на Анѓушев со државните пари и имот.

-Доколку Анѓушев има барем малку морал и чувство за одговорност пред сопствените граѓани, нема да чека повеќе и ќе си поднесе оставка на функцијата вицепремиер, бидејќи истиот наместо да ги штити граѓаните и нивниот интерес, ги штити интересите на неговите фирми, кои лапаат големи профити на сметка на буџетот. Владата мора под итно да го поништи тендерот и да распише оглас за нов. Со тоа ќе ги отстрани сите сомнежи дека се работи за наместен тендер од страна на Анѓушев и Заев, потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека доколку „Фероинвест“ транспарентно го добила тендерот, ќе се откаже од истиот, со што ќе се отвори врата за повторување на тендерската постапка и ќе се отфрли сомнежот за влијание врз постапката.

-ВМРО-ДПМНЕ го повикува и надлежното Јавно обвинителство да отпочне постапка за утврдување на одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот паднал во рацете на фирмата на Анѓушев, „Фероинвест“. Користењето на државните средства и парите на граѓаните за лично богатење е одлика и начин на работа на СДС. Граѓаните го гледаат бандитизмот и расипништвото на СДС со нивните пари, и истото ќе го казнат на претстојните локални избори на 15-ти октомври, завршија од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

15.09.2017 - 13:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа