Кривопаланечко повторно под оган: Пожарот беснее веќе трет ден

Кривопаланечко повторно под оган. Веќе трет ден гори шумска површина во селото Баштево и се работи на негово локализирање, информираат од Регионален центар за управување со кризи, Куманово.

Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка известила дека пожарот е повторно активен од пет часот утринава.

Вчера седум кривопаланечки пожарникари со три возила, засилени со четворица пожарникари и едно возило од Ранковце, екипа од десетмина вработени во Шумско стопанство Осогово, Македонски шуми, работеле на гаснење на пожарот. Во гаснењето биле вклучени и пет вработени од локална самоуправа на општина Крива Паланка, како и четворица вработени од Дирекцијата за заштита и спасување.

Од Регионалниот центар велат дека од кривопаланечката противпожарна единица синоќа во 21:30 часот ги известиле дека екипите се вратиле од терен, но пожарот се уште бил активен и се проширувал наоколу бидејќи имало силен ветер а тие не биле во можност да го локализираат.

Од таму информираат дека до 19.30 минути екипите биле на терен а со гаснење се продолжило рано утрово со над триесетина лица. Силниот оган зафатил голема шумска површина и се проширил и на атарот на селата Огут и Метежево.

Инаку, претпладнево кривопаланечките пожарникари добиле нова дојава, за втор пожар во општината, во село Осиче.

Ова е деветти пожар на подрачјето од Крива Паланка во септември, додека во месец август пожарникарите во овој град имале дури 27 интервенции. Причината за настанување во најголемиот процент била човечки фактор, посочуваат надлежните. На почетокот на овој месец полицијата на лице место го фати и пироманот кој го подметна пожарот кај село Габар во кој изгореа скоро 60 ха површина.

 

 

 

20.09.2017 - 17:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега