АРМ го одбележа денот на ЗОК

Како една од активностите со кои Армијата на Република Македонија  одбележува 25 години од своето формирање, денес во касарната „Боро Менков“ во Куманово, Здружената Оперативна Команда (ЗОК), со воена свеченост го прослави денот на единицата.

Припадниците на најголемата оперативна команда на АРМ со пригодна програма  на достоинствен начин го одбележаа овогодишниот јубилеј, а како носители на традициите, потсетија на историското значење на овој ден, кога  1878 година во селото Кресна се формирал штаб и се кренало македонското-кресненско востание кое зазема значајно место во македонската историја.

 

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, во својот говор пред присутните ја истакна историската поврзаност на формирањето на овој штаб, со придонесот на ЗОК за развојот на АРМ во изминатите 25 години.

Воедно, од негова страна беше оддадено признание на сите сегашни и поранешни припадници за нивната посветеност, професионализмот и упорноста во извршувањето на задачите, но и во изградбата на капацитетите на оваа команда која се наметна како еден од главните столбови на кои се потпира Генералштабот на АРМ.

Во тој контекст и командантот на ЗОК бригаден генерал Зоран Милески истакна дека ЗОК направи уште една успешната приказна со реализација на најголемата вежба во АРМ во текот на оваа година.  На припадниците на командата им порача  денешниот ден да им биде инспирација и одлучност во постигањето на зацртаните цели преку  планирање и реализирање на сложени операции.

По повод денот на ЗОК од страна на Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, и Командантот на ЗОК беа доделeни пофалници и награди за постигнати резултати, како и унапредувања во повисок чин на припадници на ЗОК.

Покрај Врховниот командант и НГШ на АРМ на денешната прослава присуствуваа и државниот секретар во министерството за одбрана Драган Николиќ, генералите во АРМ, претставници од кабинетот на Претседателот, министерството за одбрана и ГШ на АРМ, команданти на единиците во АРМ, поранешни команданти на ЗОК, воени аташеи акредитирани во Република Македонија и други гости од локалната самоуправа и општествените организации.

ЗОК е највисока команда на АРМ на оперативно рамниште и под нејзина оперативна команда се најголемите воени состави во АРМ и мировните мисии во кои учествуваме, но исто така ЗОК  е заслужна за успешната реализација на оценувањето на средната пешадиска баталјонска група, справувањето со миграциската опасност и природните непогоди и многу други меѓународни активности.

 

 

 

 

17.10.2017 - 15:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега