Рената Дескоска: Намалувањето на бројот на предмети не значи отпуштање на наставниците

Министерката за образование и наука, Рената Тренеска Дескоска смета дека на македонскиот образовен систем му се потребни реформи во сите сфреи. Во интервју за Прес24, вели дека сите досегашни владини одлуки се мотивирани токму од потребата за реформи, а не од популистички чекори.

-И превземањето на мерки како што беше укинувањето на екстерното тестирање, одложување на Кембриџ програмата во средното образование, укинување на одредени дисперзирани студии по барање на универзитетите, повлекување на два учебника, почнување процес на измена на неколку закони и слично, не беа мотивирани од популизам, туку беа почеток на суштински реформи во образованието или отстранување на одредени штетни политики, вели министрката за образование и наука, Рената Тренеска Дескоска во интервјуто за Прес24.

Досега министерството повлече два учебника, а Тренеска Дескосак вели дека во фаза е целосна ревизија од која треба да прозлезе јасна слика за состојбата со учебниците. Министерката во интервјуто за Прес2, вели дека сите истражувања во областа на образованието, сите мерења на квалитетот на образованието и писменоста на учениците во Македонија укажуваат дека се потребни сериозни реформи.

-Мислам дека никој во Македонија нема дилема околку реалноста на резултатите од тие истражувања. Постои еден консензус кај наставниците, родителите, експертите дека се потребни реформи во образованието, вели министерката за Прес24.

-Оваа Кембриџ програма е извозен производ на Меѓународниот центар Кембриџ. Но, она што особено ме изненади по моето влегување во Министерството, а тоа се документите кои укажуваат дека дури и овој англиски центар бил посовесен и покажал поголемо чувство за одговорност во однос на креирањето и спроведувањето на програмите од претставниците на претходната власт. Имено Meѓународниот Центар Кембриџ укажувал дека не треба да се брза со воведување на нивната програма и дека е потребно поголемо време за адаптација на учебниците, дека поради кратките рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи многу слабости. За жал претходната Влада ги игнорирала тие предупредувања, вели Тренеска Дескоска во интервјуто.

Министерката уверува дека со намалувањето на бројот на предмети нема да има и отпуштање на наставниците.

-Реформата во образованието е комплексна и опфаќа повеќе компоненти. Целта е намалување на бројот на ученици во една паралелка. Тешко е да се држи настава на повеќе од триесет ученици. Намалувањето на големината на паралелките ќе се рефлектира на отварање нови одделенија. Исто така ќе има измени на нормативите за часови на наставниците. Поискусните наставници ќе имаат улога на ментори над помладите наставници, активност која ќе влегува во нивниот фонд на работни часови, вели минстерката за образование и наука.

Тренеска Дескоска се согласува со потребата од реформи во високото образование, но смета дека начинот на кој претходната власт тоа го преавеше е погрешен.

-Еден од проблемите кои се воочуваат во рамките на високото образование е тоа што во многу области, студентите што завршуваат не се во состојба веднаш да се вклучат на пазарот на трудот. Изминатиов период во високото образование се создаде “дупка” во наставниот кадар. Претходната влада ги укина асистентските места и ги лиши студентите од она што го нарекувавме “вежби” на кои ние своевремено учевме да пишувавме тужби, жалби, на кои не носеа да следиме судски постапки во судовите. На Правниот факултет пак, насилно се спроведе и еден крајно деструктивен експеримент на задолжително оценување на студентите преку тестови со заокружување на точниот одговор. Со тоа целосно беше напуштена базичната методологија на правното образование, каде се стекнуваат и базичните практични знаења и вештини. Последиците беа толку лоши, а згора на тоа претходната влада воведе идентично полагање и на правосудниот испит. И што е уште пострашно, промашениот експеримент на правниот факултет, послужи како основа за екстерното тестирање во средното образование, а потоа и како основа на проектот за “државен испит” на универзитетите, кој беше одложен по масовните протести на студентите, вели министерката за образование и наука, Рената Тренеска Дескоска во интервју за Прес24.

 

ПРЕС24: Велат професорката Дескоска Тренеска важи за тивка на глас, во сто дена министер многу малку медиумски забележителна, но образованието како ресор, во овој период, доживеа најмногу потреси. Ајде прво оценка, колку овие донесени одлуки се суштински за реформа во секторот, а колку популистички мерки кои веројатно мораше да се случат како обврска од ветувањата претходно?

ДЕСКОСКА: Првата мерка на новата Влада, која помина во Собранието следниот ден по изборот на Владата беше во областа на образованието. Со тоа сакавме и да покажеме дека реформите во образованието се дел од клучните приоритети на новата Влада. Образованието е всушност област од која зависи иднината на секоја земја. Развојот на секоја заедница, нејзиниот потенцијал за благосостојба најмногу можете да го детерминирате преку квалитетот на образованието кое го нудите. И јас сум среќна што разбирање за значењето на овој ресор има не само меѓу колегите во Владата, туку и кај граѓаните. Чуствувам една силна енергија кај граѓаните кои желно очекуваат, но и сакаат да придонесат во реформите.  Но, исто така, свесна сум дека има многу проблеми кои се наследени во овој ресор. Затоа за одредени мерки во образованието мораше да се делува веднаш. И превземањето на мерки како што беше укинувањето на екстерното тестирање, одложување на Кембриџ програмата во средното образование, укинување на одредени дисперзирани студии по барање на универзитетите, повлекување на два учебника, почнување процес на измена на неколку закони и слично, не беа мотивирани од популизам, туку беа почеток на суштински реформи во образованието или отстранување на одредени штетни политики. Тоа што граѓаните ги прифатија истите со одобрување, зборува само за тоа дека нашите согледувања на проблемите беа реални.

Инаку што се однесува за моето медиумско присуство, мислам дека го имате тоа чувство заради карактерот на ресорот кој го водам. Секогаш примарното внимание во медиумите го добиваат политичките теми, судство, полиција, економија, а образованието за жал не е тема што добива висок приоритет за покривање. Инаку во изминатиов период бев многу повеќе медиумски присутна споредено со претходните министри за образование и наука.  

ПРЕС24: На пример укинувањето на екстерното тестирање. Тоа беше воведено да покаже дали наставниците објективно ги оценуваат учениците. Резултатите објективно покажаа дека начинот на кој е поставено екстерното е нефункционално. Но, како сега ќе ја следите работата на наставниците. Ќе има ли друг модел на екстерно или пак некој друг начин на евалуација на наставничкиот кадар?

ДЕСКОСКА: Претходната власт направи многу грешки во образованието и сега следи процес на отстранување на грешките и погрешните политики. Екстерното тестирање беше механизам кој претходната власт го воведе за да ги дисциплинира наставниците, а кој не даде никаков ефект врз подобрување или мерење на квалитетот во образованието. И кога тоа се покажа на виделина, претходната власт се обиде да направи негови измени, но ниедна од тие промени не даде никакво подобрување во очекуваните резултати. Нам ни беше јасно дека е нерационално да се менува овој концепт кој од самиот почеток беше погрешно поставен. И затоа се одлучивме за негово укинување, а не за негово менување. Секако дека механизам за евалуација на квалитетот на образованието треба да постои. Но, нашата опција е тоа да биде систем заснован на награди, а не на казни.

ПРЕС24: Повлекувањето на учебникот по општество требаше да исправи грешки и аномалии, но во пракса создаде дополнителни проблеми, учениците сега немаат учебник. Немаше ли некој друг начин како да се отстранат грешките барем за оваа година, пред да се направи или отпeчати друг учебник. На пример привремено да се сторнираат или исфрлат од наставната програма несоодветните содржини од тој учебник?

ДЕСКОСКА: Од моето доаѓање во Министерството повлечени се два учебника од основно образование. За да биде појасно како оди процесот: за повлекување на учебник се формира комисија која треба да го разгледа и да даде предлог дали тој учебник треба да се повлече или не и дали треба да се повлече во целост или одредени делови. Во двата случаи комисиите оцениле дека учебниците содржат повеќе слабости во повеќе делови и препорачаа целосно повлекување. Врз основа на нивните извештаи и препораки, јас донесов одлуки за целосно повлекување. По тоа, известено е Бирото за развој на образованието со барање на изработи прирачници кои ќе ги користат наставниците при предавање на овие предмети. Морам да Ви кажам дека во изминативе години по неколку предмети од различни одделенија, воопшто не биле изработени учебници и истите се изучувале без да постои учебник по тие предмети. Не биле изработени учебници и по многу предмети во средното стручно образование.

ПРЕС24: До каде е процесот на ревизија на учебниците кој го најавувате?

ДЕСКОСКА: Министерството за образование и наука отвори апликација преку која наставниците и професорите можат да ги внесат своите забелешки на наставната програма, но и на содржината и методологијата на учебниците. Апликацијата содржеше две можности: тоа да го направат анонимно со шифра која ја имаа добиено училиштата и преку електронскиот дневник. Во наредниов период ќе се сумираат тие резултати. Во меѓувреме се формираат работни групи за ревизија на наставните планови и програми и тој процес не е процес кој треба биде брз, туку обмислен.

ПРЕС24: Стравувате ли дека можеби таа ревизија ќе предизвика еден голем процес на печатење нови учебници. Тоа би повлекло и време и средства?

ДЕСКОСКА: Учебниците и така се препечатуваат или допечатуваат секоја година. За одредени одделенија и одредени учебници се препечатуваат во цел тираж, други се обновуваат на секои пет години. Значи, трошокот веќе се прави. Особено адаптираните учебници од Кембриџ кои Министерството ги плаќа по многу повисоки цени во споредба со другите учебници.  И секако е потребно време. Ниедна сериозна реформа не завршува за неколку месеци. Потребен е подолг временски период ако сакате процесот да помине низ неколку контролни механизми. Дури понекогаш одредени реформи се тестираат преку пилотирање, пред конечно да се усвојат.

ПРЕС24: Не стравувате ли да бидете обвинети од опозицијата дека можеби од други интереси го спроведувате овој процес на редефинирање и препечатување на учебниците?

ДЕСКОСКА: Не, воопшто. Сите истражувања во областа на образованието, сите мерења на квалитетот на образованието и писменоста на учениците во Македонија укажуваат дека се потребни сериозни реформи. Мислам дека никој во Македонија нема дилема околку реалноста на резултатите од тие истражувања. Постои еден консензус кај наставниците, родителите, експертите дека се потребни реформи во образованието.

ПРЕС24: Точно ли е дека Кембриџ програмата во Македонија нема врска со Кембриџ програмата во Англија, односно дека овие програми кои овде се спроведуваа се наменети за трети земји со елементарно ниско ниво на развој?

ДЕСКОСКА: Оваа Кембриџ програма е извозен производ на Меѓународниот центар Кембриџ. Но, она што особено ме изненади по моето влегување во Министерството, а тоа се документите кои укажуваат дека дури и овој англиски центар бил посовесен и покажал поголемо чувство за одговорност во однос на креирањето и спроведувањето на програмите од претставниците на претходната власт. Имено Meѓународниот Центар Кембриџ укажувал дека не треба да се брза со воведување на нивната програма и дека е потребно поголемо време за адаптација на учебниците, дека поради кратките рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи многу слабости. За жал претходната Влада ги игнорирала тие предупредувања.

ПРЕС24: Многу наставници стравуваат дека ќе останат без работа откако најавивте дека ќе го намалите бројот на часови и предмети. Дали да очекуваме отпуштања во образование поради тие причини?

ДЕСКОСКА: Не, намалувањето на бројот на предмети не значи отпуштање на наставниците. Реформата во образованието е комплексна и опфаќа повеќе компоненти. Целта е намалување на бројот на ученици во една паралелка. Тешко е да се држи настава на повеќе од триесет ученици. Намалувањето на големината на паралелките ќе се рефлектира на отварање нови одделенија. Исто така ќе има измени на нормативите за часови на наставниците. Поискусните наставници ќе имаат улога на ментори над помладите наставници, активност која ќе влегува во нивниот фонд на работни часови.

ПРЕС24: Зошто сте скарани со првите луѓе на Синдикатот за образование, наука и култура?

ДЕСКОСКА: Не сум скарана со никого. Не знам од каде таков впечаток. Јас остварив средба со раководствата на три синдикати кои ги застапуваат интересите на вработените во образование и ги поканив да номинираат свои претставници во работните групи за измена на законите во образованието. И тие тоа го сторија. И нивни претставници активно учествуваат во процесите.

ПРЕС24: Зошто новините што ги планирате во одделенска настава ги договарате со претставници на Наставнички пленум?

ДЕСКОСКА: Наставничкиот пленум во изминатиов период од неколку години се наметна како форма преку која наставниците ги искажуваа своите ставови, даваа одлични предлози за реформи во образованието и како такви беа поддржани од самите наставници, но и заслужија почит и внимание од јавноста. Наставничкиот пленум исто како и синдикатите, исто и како некои невладини организации, се поканети да учествуваат во работните групи во МОН. Јас најавив инкузивен процес на реформи и ги отворив вратите на МОН за сите оние кои “имаат што да кажат” во образованието, било да е тоа од нивни лично искуство во наставата, било да се резултати од експертски истражувања во областа.

ПРЕС24: Вашите најави за намалување на фондот на часови, за растоварување на децата од многу предмети, се всушност барања за кои со години се бореше токму СОНК?

ДЕСКОСКА: Па, тоа Ви е уште еден доказ дека нема ниту кавга, ниту причина за тоа. Ако се карате со некој кој најавува дека планира реформи кои кореспондираат со Вашите барања, тогаш мотивите и за таква “кавга” се навистина спорни.

ПРЕС24: Доаѓате од академската средина, професионално изградени во образовниот процес во високото образование. Сакам да Ве прашам, која е Вашата оценка. Дали македонскиот образован систем произведува писмени или полуписмени генерации?

ДЕСКОСКА: За жал јас лично можев да согледам надолен тренд во резултатите од образованието во последните неколку години. Лесно се воочуваа проблеми во ширината на одредени познавања, во навиките за учење, во способноста за анализирање и синтетизирање на знаењата, во способноста да се извлече најважното од материјалот, во способноста да се извлечат заклучоци и да се артикулира и брани својот став.

ПРЕС24: Сакам да Ве прашам, како се чувствувате како професор кога ќе видите дека некој кој дипломирал на Правниот факултет има елементарни непознавања на пример да состави тужба или жалба?

ДЕСКОСКА: Еден од проблемите кои се воочуваат во рамките на високото образование е тоа што во многу области, студентите што завршуваат не се во состојба веднаш да се вклучат на пазарот на трудот. Изминатиов период во високото образование се создаде “дупка” во наставниот кадар. Претходната влада ги укина асистентските места и ги лиши студентите од она што го нарекувавме “вежби” на кои ние своевремено учевме да пишувавме тужби, жалби, на кои не носеа да следиме судски постапки во судовите. На Правниот факултет пак, насилно се спроведе и еден крајно деструктивен експеримент на задолжително оценување на студентите преку тестови со заокружување на точниот одговор. Со тоа целосно беше напуштена базичната методологија на правното образование, каде се стекнуваат и базичните практични знаења и вештини. Последиците беа толку лоши, а згора на тоа претходната влада воведе идентично полагање и на правосудниот испит. И што е уште пострашно, промашениот експеримент на правниот факултет, послужи како основа за екстерното тестирање во средното образование, а потоа и како основа на проектот за “државен испит” на универзитетите, кој беше одложен по масовните протести на студентите.

ПРЕС24: Има еден парадокс во образовниот систем во Македонија. Многумина оценуваат дека Македонија со независноста од поранешната Југославија наследни еден исклучително квалитетен образовен систем, кој денес речиси 30 години подоцна е на ниво на кое му требаат веројатно нови 50 години да го стаса нивото од 1989 година. Зошто се случи оваа ерозија на образованието. Знам дека ќе кажете дека претходната влада е виновна, но веројатно вината е во сите претходни влади...?

ДЕСКОСКА: Факт е дека со распадот на југословенската држава дојде до пад во речиси сите сфери на животот. Паралелно со распадот на заедничката држава се случи и голема криза и војни, кои Република Македонија во голема мерка ја изолираа од регионот, но и од останатиот дел од Европа. Додека цела Источна Европа се преструктуираше и полека напредуваше, ние се боревме за гол опстанок. Во такви услови, се успеа да се задржи некое пристојно ниво на образовниот систем. Она што е поразително е што во моментот кога требаше конечно да тргнеме напред како земја кандидат за членство во Европската Унија, ни се случи едно безумно дивеење на тоталитаризам, кој настојуваше да го уништи и она малку здраво ткиво, а со цел да воспостави потполна контрола во сите сфери на животот. Факт е дека кошмарот кој го живеевме изминативе години, притисоците под кои живееја наставниците кои се третираа како “партиска” војска, чие достоинство се рушеше, во голема мера се рефлектираше на нивниот ангажман во образованието. Притисоците и неправдите во образованието имаше свое влијание на мотивацијата на наставниот кадар. Моделите на “успешни” луѓе на високи позиции со сомнително образование, исто така влијаеја демотивирачки врз учениците и студентите. Општиот пад на моралот, газењето на принципите, се нешто што не можеше да нема влијание врз образовниот процес.

ПРЕС24: Високото образование е искучително проблематичен дел од секторот кој што го водите. Сите обиди за реформа на тој дел изминативе години поминаа без резултат, односно со жесток отпор на универзитетите. Сакам да Ве прашам, дали сметате дека има потреба од реформа во високото образование и што планирате на тој план?

ДЕСКОСКА: Високото образование е комплексен сегмент, но без сомнемање е дека се потребни реформи во тој дел. Всушност и падот на предтходната власт беше најавен со протестите по повод неумесните измени во Законот за високо образование. Студентите први се спротивставија на “озаконувањето” на притисоците кои постоеја врз универзитетите и губењето на автономијата. И ним најмногу им должам реформа на високото образование, кое треба да биде во функција на студентите. Измените на законот се во тек. Нивната цел е да се врати автономијата на универзитетот, да се постават стандарди на студирање кои ќе гарантираат квалитет, да се симнат административните пречки за аплицирање на универзитетите за европски проекти, да се олесни мобилноста на студентите на странски универзитети и да се олесни процесот на нострификација на дипломите на оние кои студирале надвор, да се гарантира слободата на студентското организирање и да се спречи партизацијата и узурпацијата на студентските организации, да се воведат форми преку кои ќе се слушне автентичниот студентски глас, а не гласот на подмаладоците на политичките партии, да се обезбеди почитување на волјата на наставничките совети при избор на декани на факултетите, а не да се остава простор за самоволие на ректорите и политизација на овој процес и сл.

ПРЕС24: Кога зборуваме на реформи во високото образование пред се мислам на оние ингеренции што државата ги има во односите со универзитетите. На пример, зошто Македонија се уште нема јасна стратегија за тоа кој профил на високообразвни кадри ќе субвенционира. Под субвенционирање мислам на бесплатно школување. Не е ли малку парадоксално со години на државна сметка најмногу да се финансираат економисти и правници, а државата и економски и правно е на дното, а од друга страна нема никакви програми кои ќе стимулираат кадри од производствената дејност?

ДЕСКОСКА: Популизмот во високото образование има многу висока цена. Секоја анализа на високото образование во Република Македонија задолжително укажува на отсуство на насочена политика на стимулирање уписи на одредени факултети. На тоа укажува и фактот што бројот на места кои се нудат на студиските програми на универзитетите е за речиси 30% повисок од вкупниот број на матуранти кои завршуваат средно образование. Од друга страна, високото образование има своја цена, а кога ограничените средства кои ги имате ќе ги разделите на повеќе исти капацитети, добивате недостиг на средства и назадување кај сите. Не е точно дека наводно сите средства за високото образование се одлеваат на правните или економските факултети. Би ве упатила да ги проверите податоците на факултетите, каде ќе се соочите со поразителниот факт дека на пример, на некои државни правни факултети буџетските средства учествуваат со едвај 20%.

Што се однесува до дефицитарните струки, за дел од нив веќе има интерес кај студентите, но дел остануваат без студенти. Покрај со креирање на уписна политика, ќе се обидеме и преку програмите за стипендирање на студенти на дефицитарни струки да ги привлечеме студентите на овие студии.

ПРЕС24: Дали дисперзираните студии беа најголем проблем во високото образование, па одлучивте нивно затворање?

ДЕСКОСКА: Укинати се само дисперзираните студии на УКИМ и тоа на барање на самиот Универзитет. МОН пред распишување на конкурсот за упис на студенти контактираше со ректорите на државните универзитети и направивме консултација околку потребата од постоење на одредени дисперзирани студии и околу бројот на студентите. Со ректорот на УКИМ контактирав јас лично и тој побара овој универзитет да нема дисперзирани студии. Ректорите на други универзитети укажаа каде имаат потреба, а каде не од дисперзирани студии. Јас знам дека до сега всушност голем број дисперзирани студии беа “мртви” и се распишуваа само про форма. Мојот став е дека студентите не смеат да бидат доведени во заблуда дека ќе има дисперзирани студии, а во пракса ќе ги нема, како што се случуваше до сега. Исто така, јасно беше дека за одредени дисперзирани студии нема никакви услови за нивно организирање и на нив не може да се понуди квалитетна настава заради немањето нагледни средства во местата на дисперзии. Од тие причини, слушајќи го гласот на универзитетите и потребите на студентите, одредени дисперзирани студии беа укинати.

ПРЕС24: Откако опозицијата Ве нападна дека сте го укинале појадокот за студентите во студентските мензи, воведовте многу поголем избор на јадења. Со изборот, ќе се зголеми ли и цената што ќе ја плаќаат студентите за храната?

ДЕСКОСКА: Не, цената нема да се менува. Јас со моето влегување во Министерството се соочив со огромни долгови токму на студентските домови. А најголем дел од тие долгови се заради нерационално трошење на средства. Затоа правиме анализа и договори за сервисирање на тие долгови, а воедно за подобрување на условите во домовите. Храната во студентските домови постојано се потенцираше како проблем и затоа направивме напор истата да се подобри и да се понуди подобар избор. Во исто време, Владата донесе одлука да пренамени одредени средства и да помогне во намирување на дел од долговите. Така што правиме стратегија да ги сервисираме долговите, а воедно да го подобруваме и животот на студентите во студентските домови.

ПРЕС24: Што станува со студентскиот стандард, кој никако да мрдне од оценката низок. Дури и терминот студенстки стандард во општеството како да се вдоми како синоним на најниска класа.

ДЕСКОСКА: Еден од проектите на новата Влада ќе биде воведување на студентска картичка. Во тек е анализа на чинење на воведување на студентска картичка за субвенции за студентите за храна и други трошоци согласно искуствата од други земји. Исто така, преку студентски стипендии и кредити ќе им помагаме на студентите полесно да ги поминуваат студентските денови. Секако има и други проекти кои ќе ги одат преку други министерства кои ќе значат подобрување на животот на младите во Македонија.

ПРЕС24: Пред една година, Министерството за внатрешни работи во акцијата Еразмус фати неколку ваши колеги во примање поткуп. Дали како прв човек во ресорот образование, ги поддржувате ваквите акции кои се однесуваат на ваши колеги кои се срам за професијата?

ДЕСКОСКА: Поддржувам борба против криминал и корупција во сите сфери на општествено живеење, вклучувајќи го и образованието. Расчистувањето на криминалот и корупцијата е нешто што е неопходно, за да се вратиме на вистинските принципи на работење и да го вратиме владеењето на правото во земјава. Тоа е неопходно во секоја професија, бидејќи на тој начин ја симнувате стигмата од сите, стигмата од професијата. Криминалот треба да биде поврзан со конкретно име и презиме, а не со професија и борбата против него треба да биде неселективна и неполитички обоена. Таа не смее да се сведе на спектакуларни приведувања со цел да се отргне вниманието од некој актуелен проблем со кој се соочува власта и не треба да има завршница. Во спротивно ќе се сведе на политички театар со други мотиви, а не борба против криминал.

 

 

 

22.10.2017 - 12:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега