Трајковски: Ќе реализираме многу нови проекти за Стајковци, покажавме дека умееме да работиме

Денеска на средба со граѓаните во скопско Стајковци беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во друштво со кандидатот за градоначалник на Гази Баба од таа партија, Тони Трајковски. Трајковски напомена дека ја бара довербата од граѓаните, затоа што она што претходно го ветувале на дело го реализирале.

-Овде во ова населено место имаме реализирано голем број на проекти, благодарение на поддршката пред се на жителите на Стајковци, благодарение на градот Скопје и благодарение на поддршката на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. За жал тоа што нашите противкандидати и членови на СДСМ, не успеаа да го видат, овде секој граѓанин го гледа, изјави Трајковски.

Тој кажа дека граѓаните гледаат дека до секоја куќа има изградено фекална канализација, дека гледаат дека преку 60 улици се асфалтирани во тоа населено место.

-Ако се свртиме сега наназад, ќе видиме дека имаме комплетно реконструирано училиште, Св.Кирил и Методиј во ова место. Имаме направено комплетна замена уличното осветлување, односно во голема мера го подобривме со енергетско ефикасни светилни. Она што исто така нашите противкандидати не го гледаат, а го гледа секој граѓанин е дека и каналската мрежа во континуитет се одржува, изјави Трајковски.

Тој на жителите на Стајковци им се заблагодари за поддршката во првиот круг и кажа дека тие гледаат дека се направени многу проекти за нивното населено место. Трајковски напомена дека во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ победи во Стајковци, местото од каде што доаѓа кандидатот на СДСМ, Борче Георгиевски.

-Вие испративте порака дека вашиот сограѓанин не заслужува да биде градоначалник на Општина Гази Баба. Тоа вие најдобро го знаете и затоа и така гласавте, затоа гласавте за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што си го знаете најдобро вашиот сограѓанин. За жал во некои населени места не успеаа да го дознаат кандидатот. Иако после две бегања од дуели со мене, постојано го канев, веќе на третото немаше каде да бега, дојде и прифати, така да и останатите жители на Гази Баба можеа да видат кој е кандидатот на СДСМ, изјави Трајковски.

Тој кажа дека Георгиевски ветува непосредна комуникација со граѓаните, но тоа го нема презентирано никаде во својата програма. Тој кажа дека разликата меѓу него и кандидатот на СДСМ е што тој секогаш оди секаде со програмата кадешто ги има ветувањаа, за разлика од својот ривал.

-Пишувал проекти кои што ние веќе или сме ги реализирале или се во тек на реализација, тој тоа си го потврди, видовте на дуелот. Многу работи кои не сакаше, но ние со аргументи го натеравме и самиот си ги потврди. Потврди прво дека овде не планира нова спортска, а знам во комуникација со граѓаните, дека често пати знаел да излаже дека ќе им направел спортска сала, изјави Трајковски.

Тој кажа дека СДСМ нема направено ниту еден проект за Гази Баба, додека пак како што кажа Трајковски тие за 100 дена асфалтирале 10 километри улици. Тој кажа дека имало проекти кои биле планирани со Владата на ВМРО-ДПМНЕ за оваа година, но биле стопирани од страна на новата власт во Македонија.

-Советот во идниот мандат ќе биде предводен со мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, значи тоа ни е доволна гаранција дека јас како градоначалник и иден градоначалник, заедно со советот ќе може сите овие 471 проект да ги реализираме, изјави Трајковски.

Тој кажа дека еден од првите проекти кои ќе биде донесен после изборите, е дека граѓаните ќе ги добијат парите назад доколку сами се приклучиле кон фекалната канализација.

-Нашиот противкандидат прво не си го знае своето населено место, не си ги знаете ниту улиците во Гази Баба. Ќе асфалтирал улица Сава Ковачевиќ, која што прво не постои во Гази Баба, таа улица е во Општина Кисела Вода. Втора работа е ако видите околу него, тој има луѓе, тим кои што се од соседни општини, најмалку има луѓе од Гази Баба, изјави Трајковски.

Тој кажа дека граѓаните можат да препознаат кој има подобар тим, дали тој или неговиот противкандидат.

-Постојано само напаѓаат, постојано само упатуваат клевети кон нас, шират разна пропаганда, шират разен материјал, кој што е полн со лаги и невистини. Многу некоректна кампања, деновиве прават голем број на притисоци, посебно на оние кои се вработени во јавните претпријатија, јас можам да упатам апел дека сите тие граѓани ќе бидат заштитени од нас, нека не се плашат, изјави Трајковски.

Тој ги повика граѓаните масовно да излезат и победата да биде започната од Стајковци.

 

 

 

22.10.2017 - 15:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега