Рокади на министри во Владата: Кабинетот на Заев останува со еден член помалку?
Кој ќе го наследи испразнетото место кое изборот на Таравари за градоначалник на Гостивар го остави во Министерството за здравство.
Одговор на оваа дилема се очекува да дадат партиските среди кои треба да се одржат во наредните неколку дена.
На нив треба да се расчисти дилемата кој ќе го наследи Таравари. Се уште е неизвесно дали тоа ќе биде кадар од Алијансата, партија која иако најави дека ќе остане во Владата нејзиното место на Илинденска се уште може да се каже дека виси на конец. Според неофицијалните информации кои ги објавуваат медиумите блиски до власта, останува отворена можноста уште пред крајот на годинава владиниот кабинет да ја добие и првата реконструкција, особено по шпекулациите дека за позицијата во Минситерството за здравство биле заинтересиран и кадри на ДУИ. Во таков случај, ДУИ ќе мора да ослободи еден од останатите ресори кои ги држи во Владата за на тоа место да влезе кадар од партијата на Села.
По изборите празно е и местото на Рамиз Мерко, но според некои информации, постои шанса Владата воопшто да не го пополни ова министерско место без ресор па бројот на министри во Владата на Заев да се намали.
Сите овие калкулации ќе се прават откако ќе се знае иднината на Алијансата која дополнително ја комплицира и најавата за влез на ДПА во Владата, особено по изјавата на Таравари дека ако Тачи дојде на Илинденска, тие дефинитивно одат во опозиција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа