Заев: Моделот за иднината почнува со почитување на сите заeдници

Моделот за иднината почнува со почитување на сите заeдници. Тој модел повикува да градиме држава и општество за сите во кое културите ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат, порача премиерот Зоран Заев на вечерашната завршна свеченост во Битола, организирана по повод 22 ноември, Денот на албанската азбука.

Премиерот Заев нагласи дека со чествувањето на Денот на албанската азбука се потврдува заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност, односно богатството на Република Македонија.

- Писмото и говорот се во основата на националниот идентитет, а нивните специфичности и особености се вткаени како карактеристични нишки на културната посебност. Но, во истовреме секој говор и писмо во себе ја кријат потребата да не бидат изолирани и самодоволни, туку да воспоставуваат комуникација за разбирање и толеранција и соживот со другите. Прогласувањето на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо е составен дел од јазичното и културното богатство на Македонија и во таа смисла, одбелележувањето на културните вредности, датуми, традиции на сите етнички заедници вклучувајќи ја и албанската, придонесува за просперитетна иднина и за благосостојба на сите граѓани на Република Македонија, рече Заев.

Според него, во државата се гради едно и единствено општество, еднакво за сите.

- Градиме граѓанско општество, истворемено со почит кон етничките, националните, верските и културните разлики. Тоа е посебноста и суштината на нашето заедништво кое се гради со векови и претставува обврска за нашата заедничка иднина. Етничката и јазичната разноличност ги сметаме за наша вредност, за наше заедничко богатство, рече претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

заев бт

По повод 109-годишнината од Битолскиот конгрес, за значењето на големиот настан говореше и заменик-министерот Хазби Лика, а настанот и концерот на хорот и оркестарот на Факултетот за уметности од Тирана кој е во тек го следат министри од владите на Македонија, Албанија, Косово, пратеници, лидерот на ДУИ, градоначалниците на Тетово и Битола, како и други гости од државата и странство. 

 

 

 

22.11.2017 - 21:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега