Заев: Политичка волја за вистинска децентрализација

Премиерот Зоран Заев  денеска порача дека Владата има политичка волја за вистинска децентрализација и да се спроведе максимален трансфер на надлежностите и финансиите од централно на локално ниво. 

При учеството на Националниот форум на градоначалници и градоначалнички, што се одржува во Струга,  Заев истакна дека Владата е цврсто определена да овозможи рамномерен регионален развој и квалитетен живот за сите  граѓани во државата без разлика дали живеат во град, село или мало населено место.

- Како премиер и како Влада се обврзавме да ја зајакнеме децентрализацијата, да овозможиме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво и тоа да го сториме со соодветно префрлување финансиски средства за нивно извршување, изјави Заев на форумот „Вистинска децентрализација”, што се одржа во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). 

На дводневната дебата, на која се разговараше за процесот на пренесување на одговорностите на општините и обезбедувањето на соодветно финансирање за давање локални јавни услуги учествуваа и шефот на Делегацијата на Европската унија Самуел Жбогар, претставничката на УНДП Луиза Винтон, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, заменичката на  министерот за финансии, Ширет Елези и градоначалниците и градоначалничките на општините во државата, меѓу кои и новоизбраниот претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа, (ЗЕЛС), Петре Шилегов.

Нагласувајќи дека граѓаните на Македонија имаат исти потреби и исти права, како што се квалитетна вода за пиење, чист воздух, чиста околина, безбедна инфраструктура како и достапни социјални и институционални сервиси, премиерот Заев ја истакна потребата од блиско комуницирање и соработка во локалните самоуправи. Многу е важно, укажа, граѓаните да се вклучат во носењето на одлуките.

- Слушајте ги луѓето и разговарајте со нив. Тоа е мојата прва и клучна порака, рече Заев, потенцирајќи ја неопходноста од локалниот развој и завршување на процесот на децентрализација на општините и нивно финансиско осамостојување.

Како што оцени, повеќето од општините во Македонија страдаат од недостиг на финансиски и човечки ресурси за извршување на своите функции. Постои, укажа, и политичка волја за вистинска децентрализација.

Информираше дека по основ на две ставки, рамномерен регионален развој и трансфери во единиците на локалната самоуправа во следната година ќе се издвојат 890 милиони денари или 14,4 милиони евра повеќе во однос на 2017 година.

- Веќе предвидовме зголемување на средствата за рамномерен регионален развој. Директно, вкупното зголемување на средствата во Министерството за локална самоуправа и во Бирото за рамномерен регионален развој за 2018 година е 107 милиони денари, или за 47 проценти  повеќе во однос на 2017 година, рече премиерот Заев. 

Тој образложи дека целта на Владата е да се достигне законски предвидениот износ од еден процент од Бруто домашниот производ за рамномерен регионален развој или околу 100 милиони евра на годишно ниво.  

- Знаеме дека за општините се важни блок дотациите. За блок дотациите, наменските дотации и ДДВ-то предвидовме зголемување од околу 780 милиони денари за 2018 година, или за околу 4,6 проценти повеќе средства во однос на 2017 година, истакна премиерот Заев.  

Со помош на Швајцарската амбасада, како што рече, се работи на воспоставување систем во сите предвидени министерства и во општините за алоцирање на издвоените средства за регионален развој и следење на нивното распределување по региони.  Формирани се и работни групи во министерствата за финансии и за локална самоуправа за да се направат проценки за можноста за зголемување на зафаќањето од ДДВ-то од постоечките 4,5 на шест проценти.

Бидете гласни, секогаш барајте од централната власт, само така ќе се успее да се дојде до ,,развластување” и осамостојување на општините“, рече премиерот Заев. 

Тој информираше дека се прават напори да се овозможи враќање на долговите на општините кои сега изнесуваат 250 милиони евра преку кредити со помали камати со грејс период со што ќе се овозможи компаниите на кои ќе им бидат вратени долговите, повторно да вложуваат.  

Препорача градоначалниците да соработуваат со советите на општините, заради целокупното функционирање на општините и да ги надминат чувствата на партиска припадност, за да ги исполнуваат интересите на сите граѓани. Посочи ќе дадат препорака локалните самоуправи да ја практикуваат одлуката на Владата  секој договор за јавна набавка, откако ќе заврши тендерската процедура, да се објави на општинската веб-страница.  Чесното и транспарентно работење, наведе, ќе доведе до многу повеќе средства за општината. 

За приоритетите на градоначалниците говореше и новиот претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локална самоуправа, ЗЕЛС, Петре Шилегов. Тој нагласи дека треба да се надмине досегашната пракса на влијание и на присвојување на поголемиот дел од надлежностите на единиците на локалната власт од страна на централната власт, и дека е неопходно општините повеќе да соработуваат меѓу себе, и да воспостават искрен дијалог со централната власт.

 

 

 

01.12.2017 - 15:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега