Советот на ААВМУ едногласно го отфрли барањето да се одземе лиценцата на ТВ „24 Вести“

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) едногласно на денешната седница го одби барањето од „Канал 77“ да се одземе лиценцата на телевизијата „24 Вести“.

Прифаќајќи ја информацијата од стручните служби, Советот го отфрли барањето на предлагачот, чиј идентитет се криеше до самиот крај на решавањето за оваа точка од дневниот, а во однос на дилемите на некои членови, директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, појасни дека стручните служби веднаш ќе извршат проверка дали постои поврзаност на телевизијата „24 Вести“ со фирма од Австрија што врши радиодифузна дејност, со што би се создала недозволена медиумска концентрација.

Трајчевски и претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, појаснија дека во однос на барањето за одземање на лиценцата, не е можно тоа да се стори затоа што дури и да постои недозволена медиумска концентрација, првин се дава долг рок на радиодифузерот да го отстрани проблемот, а дури потоа може да се одземе лиценца.

– Ако денешната информација биде прифатена, не значи дека Агенцијата во иднина нема да истражува за сопственичката структура. Ние тоа го правиме редовно за секој медиум. Но, ако имаме основа за сомневања, ќе се почне постапка за недозволена медиумска концентрација, а не за одземање лиценца. Ние пред две години имавме постапка кај истиот што е предлагач и му дадовме рок да го реши тоа – рече Трајчевски.

Расправајќи по претходна точка, Советот не дозволи промена на сопственичката структура на телевизијата.

Доколку се одобри, како што кажаа од стручната служба, би се создала недозволена медиумска концентрација зашто физичкото лице од барањето да стане и единствен основач и управител на телевизијата „24 Вести“ е директен роднина на сопственикот на оператор што реемитува програми, односно кабелскиот оператор „Телекабел“.

 

 

 

 

05.12.2017 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега