ВМРО-ДПМНЕ: Бараме итно и безусловно стопирање на малтретирањата, теророт и изживувањето од СДС

 

Денес е уште еден црн ден за демократијата во Македонија. Хунтата под водство на Зоран Заев продолжи со притворање на сите кои не размислуваат и кои не се плашеа гласно да се спротивстават на антидржавните политики што СДС ги спроведува периодов, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Денешниот ден ќе биде запишан во историјата како ден во кој што хунтата на Зоран Заев притвори шест народни избраници. Пет проценти од собранискиот состав е во притвор. Ова не е демократија! Ова е тиранија. Денеска беа притворени пратениците Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски. На дел од нив им е изречен домашен притвор, а на дел ефективен и уште вечерва се префрлени во истражен затвор.

Народни избраници се испраќаат во притвор, а осудени убијци и терористи се ослободуваат. Судот, под притисок на хунтата на лица кои убија пет момчиња и треба да одговараат за тероризам им изрекува мерка да се јавувале два пати во неделата, а нивни познаници се уште се во бегство.
Тоа е правдата во Македонија под контрола на Зоран Заев.

Со ваквиот начин на делување хунтата на Зоран Заев ги закопува сите можности за нормално функционирање на Собранието и институциите кои би требале да ја контролираат извршната власт. Ги закопува сите можности за дијалог и си обезбедува неконтролирана моќ.

Ова е само уште едно камче во мозаикот на неправдата кои почна да го креира хунтата на власт. Почнаа со измислени обвиненија и ги прогласија за терористи Игор Дурловски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и други патриоти и уметници само затоа што гласно говореле и се спротивставувале на хунтата на Зоран Заев. Завршија со притворање на пратеници кои треба да бидат гласот на народот во Собранието и да ја контролираат извршната власт.

Монтираниот прогон против 36-мина недолжни граѓани, пратеници, актери, уметници, архитекти и полициски службеници со најтешкото дело тероризам има за цел да го замолчи македонскиот народ, кој треба да остане нем набљудувач на раскрчмувањето на државата.

ВМРО-ДПМНЕ бара безусловно запирање на сите овие процеси на политички прогон.

Бараме итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој класичен политички прогон. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на улиците се додека овој реваншизам и тенденциозен атак не престане

 

 

 

05.12.2017 - 21:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега