Бутел ќе добие нова голема црква

Наредниот месец се очекува да биде поставен камен-темелник за новиот храм „Свети Јован Kрстител“ во Општина Бутел, пишува Дневник.

Црквата треба да никне на местото на ракометното игралиште на некогашниот клуб „Бутел“. Според најавите, игралиштето ќе биде дислоцираностотина метри подалеку, во дворот на ОУ„Свети Kлимент Охридски“.

- Подготвителните работи за црквата се почнати уште пролетта кога почна да се расчистува просторот, да се гребе асфалтот од игралиштето и да се отстрануваат други придружни објекти. Се рамнеше теренот, но имаше мал застој поради нерешените имотно-правни работи. Сега нема ништо спорно и очекуваме наскоро да започне изградбата, вели портпаролот на Општината Снежана Клинчарова за Дневник.

Сопственикот на „Мак оил“ Мите Јовановски ќе ја финансира изградбата на црквата, која според ктиторот Јовановски, ќе чини од 1,5 до 3,5 милиони евра.

- На 2 или 5 септември ќе пристигне фирмата „Бетон“од Штип, која е изведувач, а треба да се договорам и со Македонската православна црква. Трипати почнував и трипати беа запирани работите. Темелите се ископани уште пред пет месеци, но се појавија проблеми со привремените објекти. Општината Бутел расчисти 90 отсто од работите, остануваат оние 10 отсто, но сепак ќе почнам. Ова си го ветив уште пред 20 години. Господ мене ми даде. Бев обичен занаетчија, сега имам с`, сега е ред јас да возвратам. Kамбанариите се купени уште во 1997 година и се кај мене дома, а нема смисла ниту да чекаат граѓаните, вели ктиторот Јовановски за Дневник.

Проектот предвидува црквениот објект да се простира на над 500 квадратни метри, а нејзиниот највисок дел ќе биде 25 метри. Црквата ќе добие и помошни простории за крштевање, со кои таа ќе зафаќа вкупна површина од над 1.000 квадратни метри. Kамбанаријата, пак, ќе биде висока 36 метри. Kтиторот Јовановски очекува храмот да биде готов за четири години.

30.08.2013 - 11:48

најчитано сега