Се очекува предлог од Нимиц - Каменос вели „Македонија е грчка", грчката црква не прифаќа друга црква да го носи името Македонија

Инцијална рамка со која суштински ќе се напредне во надминувањето на разликите околу името, очекуваат владите во Скопје и во Атина од медијаторот Метју Нимиц на претстојната рунда разговори за на 17 јануари во Њујорк.

Никола Димитров и Никос Коѕијас, на вчерашната целодневна средба во Солун, изразија оптимизам дека решение е можно. Разговараа за методологијата, за пристапот на двете страни, како и за рамката на процесот за надминување на разликите околу името, јави дописникот на МИА од Атина.

Се согласија да имаат подиректна улога во разговорите со цел надминување на разликата околу името.

Средбата Димитров-Коѕијас беше најавена од двете министерства во исто време, но не беа соопштувани локацијата, ниту времето, се до последен миг. Помалиот коалициски партнер Независни Грци продолжува со јавно изнесување на ставот дека за нив терминот Македонија е неприфатлив во името на северниот сосед.

Македонија е една и грчка, неколку пати повтори претседателот на Независни Грци во обраќањето на Националниот совет на партијата. Панос Каменос, кој воедно е и министер за одбрана, како прифатливо решение го предложи името Вардарска, кое го изговори исто како што се изговара на македонски, и го спомена без никаква придавка или додавка.

– Да, посакуваме решение. Ќе направиме се за да ги убедиме. Но, постојат и словенски термини што може да ги користат и што ги прифаќаме, како што е Вардарска. И кое што во суштина е географска одредница што ја имаа пред да започнат историските пресврти, рече Каменос пред членовите на Националниот совет.

Против најавените протестите во Солун се изјасни Грчката православна црква, иако не се согласува Македонија да биде содржано во името, бидејќи така ќе било составен дел и од називот на македонската црква.

– Не можеме да прифатиме друга црква да го носи името Македонија, освен митрополиите во Македонија кои припаѓаат на грчката автокефална црква. Ова е нашата загриженост и ова го доставивме до одговорните и надлежни власти, рече митрополитот Доротеос за ТВ Скај.

 

 

 

 

 

12.01.2018 - 08:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа