Груевска Маџовска: Законот за јазици ќе доведе до комплетна блокада на сите институции

 

Овој закон за употреба на јазиците нема никаква врска со европската регулатива и лажно се носи под европско знаменце, вели професорката Симона Груевска Маџовска за „Фактор“ .

Таа додава дека ваков закон нема во европската регулатива и не е потребен за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Друг аргумент, според неа е и времето што се носи, вели дека е навистина чудно бидејќи не е од никаков приоритет и во ниту еден момент не беа ставени јазични права како приоритетни во Република Македонија така што нејзиното мислење е дека овој закон е единствено предмет на политичка уцена.

 – Се споменува една Швајцарија. Да, повеќе службени јазици има Швајцарија ама таму има кантони. Во секој кантон се зборува само еден јазик. Ако сакате да живеете во Женева ќе зборувате само француски. Никаде го нема ова администрација и институции да бидат двојазични зошто тоа ќе донесе само блокада и ништо друго. Нема апсолутно никаква логика на такво нешто ниту пак има некаде во свет ова да се случува. Сите јазични права ги има никој не е овде против албанскиот јазик да се употребува. А зошто на некој му беше потребно од една релативна добра атмосфера до пред една година, да споменеме дека 3 години протестиравме сите заедно и немаше никаков проблем меѓу различните етнички заедници, и сега наеднаш да се прави ваква една тензија, едно влошување помеѓу Македонците и Албанците и помеѓу Македонците и Македонците исто така, вели таа.

 Во однос на носењето на овој закон и со почнувањето на неговата примена Маџовска рече дека  дека никој не се казнува за кршењето на Уставот во однос на македонскиот јазик и законот за употреба на македонскиот јазик господинот додека за албанскиот јазик казните од 5 илјади евра се огромни за сите субјекти како за правните така и за физичките лица.

 – Работата е што ќе донесе до комплетна блокада на сите институции. Еве да речеме една ситуација која што не знам како со овој закон и со оваа агенција ќе се разреши е дека кога ќе дојде една мајка етничка Албанка со болно дете во ноќна смена на дежурство на Детската клиника во Скопје, ако е докторката Македонка, како ќе се разбере што треба и како ќе му помогне на сопственото дете. Дали во 2 часот на утро ќе се повикува некој од агенцијата да преведува и како е тоа возможно, рече професорката.

 За статусот на македонскиот јазик таа вели дека како државен и обединувачки јазик на сите етнички заедници во Македонија тој ќе биде загрозен и намален бидејќи тој веќе ќе биде само еден од јазиците во Македонија а не како еден од обединувачките.

Според неа, во Република Македонија државен јазик, јазик на целата територија и во меѓународните односи може да биде македонскиот јазик.

Албанскиот јазик, јазик на најголемато малцинство во Македонија може да биде единствено регионален јазик. А за останатите малцинства во Македонија тоа ќе биде регулирано како што треба. Маџовска додава дека се друго е надвор од онаа вообичаена практика тоа ќе има несогледливи последици, а Република Македонија ќе биде проучувана како посебен случај во однос на јазичната политика.

 

 

 

22.01.2018 - 18:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега