Нимиц во Скопје на средби со државниот врв: "Дојде време за носење одлуки"

По средбата со министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, Нимиц изјави дека постои моментум и оти е време за носење одлуки.

На средбата двајцата разговарале за идеите кои медијаторот ги достави пред две седмици, ги слушнал позициите на владата и оцени дека грчката Влада е искрена и активна во решавањето на проблемот.

Тој не сакаше да ги открие неговите идеи и предлози, велејќи дека не е добра идеја да коментира што предложил. Посочи дека во медиумите протекле некои од идеите, но нагласи оти јавно засега не може да зборува за тоа.

И од македонската Влада, како што истакна вчера нејзиниот портпарол Миле Бошњаковски, сметаат дека сега е вистинското време да се изнајде решение и оти постои и политичка волја и градење на односи со Грција кои се на едно повисоко ниво од се што било досега во претходните години.

Во меѓувреме, шефот на грчката дипломатија Коѕијас, откри дека Грција кон средината на февруари ќе и достави на Македонија нацрт спогодба со четири точки - предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда. За тоа дали македонската Влада била известена за планот на Грција, владиниот портпарол вчера наведе дека заемно течат сите работи.

- Разговорите се водат под медијаторство на Метју Нимиц во рамки на ООН. Во таа рамка се водат и директни средби помеѓу министерствата за надворешни работи, потоа се крена еден степен погоре на ниво на премиери. Разговорите, преговорите се водат така што заемно ги работиме сите работи, рече Бошњаковски. 

Нимиц денеска ќе се сретне со државниот врв. Вчера патриотските здруженија протестираа Нимиц да си оди од Македонија и да ги повлече како што велат, срамните предлози.

 

 

 

01.02.2018 - 08:11
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега