Заев: Партнерство меѓу владите, приватниот сектор и образованието за напредно општество

 

Партнерството меѓу владите, приватниот сектор и образовните системи обезбедува мотивирачко и напредно општество, истакна премиерот Зоран Заев на денешното свечено отворање на Институтот за бизнис и менаџмент од Хајделберг со седиште во Скопје, кој во соработка со Академијата за банкарство и информатичка технологија (АБИТ), ја организираа Првата меѓународна конференција со наслов „Меѓународни стандарди за контролинг-имплементација во пракса“. 

- За угледот на ФОРУМ Институтот за менаџмент од Хајделберг, како меѓународна група на институти што се занимава со обука на корпоративни специјалисти и директори, како и на студенти на специјалистичко образование, зборуваат фактите: 1.500 настани годишно, 4.500 семинарски денови и 20 илјади учесници годишно, првокласни предавачи и актуелни теми, рече Заев.

Една од најважните карактеристики во работењето на овој институт, како што посочи, е тесната врска со праксата, односно со бизнис и претприемачката реалност, и вкрстувањето на таа пракса со најновите трендови од економската наука.

Според него, оваа карактеристика е од извонредно значење за промоцијата на претприемништвото како современа деловна и развојна филозофија на приватните и јавните, на стопанските и нестопанските претпријатија, и на профитните и непрофитните организации.

Посочи дека врската меѓу бизнисот, владините политики и образованието треба да создаде услови за силни, просперитетни општества. 

- Сметам дека никој не може да има дилема дека слободниот пазар го поттикнува економскиот раст, создава работни места и ги зголемува приходите. Доколку се обезбедат непречени услови за овие претпоставки, пазарите и приватната иницијатива можат да го овозможат потребното финансирање на нашите врвни развојни приоритети, што произлегуваат и се креирааат од стратешките цели на економските политики на владините програми, рече Заев.

Во контекст на тоа додаде дека правилно искористени, придобивките од иновациите и успешното претприемништво не остануваат придобивки само на приватните инвеститори и на извршните менаџери.

- Кога биле откриени телефонот, автомобилот и персоналниот компјутер, општествените придобивки далеку ги надминале добивките што си ги оствариле нивните создавачи. Сите дополнителни, бескрајно сеопфатни придобивки од овие приватни иницијативи, се од исклучително значење за општествата и за човечкиот прогрес, истакна премиерот.

 

 

 

01.02.2018 - 13:49
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега