Азески предлага договор за одбегнување на двојното оданочување со Грција

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, испрати писмо до претседателот на Унијата на Грчките трговско-индустриски комори, Константинос Михало, во кое предлага повторно да бидат интензивирани активностите за склучување на Договор за одбегнување на двојното оданочување меѓу Македонија и Грција.

- Економијата е таа која секогаш прва гради мостови помеѓу државите, примерот за Македонија и Грција, најдобро го покажува тоа. Бизнисот беше тој кој во изминатите години непрекинато ја одржуваше билатералната соработка помеѓу двете земји, дури и кога политичките процеси затајуваа, се наведува во писмото на Азески. 

Претседателот на Стопанската комора посочува дека компаниите од двете земји секојдневно соработуваат, реализираат инвестиции и заеднички проекти, нагласувајќи дека обемот на размена меѓу Македонија и Грција е во постојан пораст, како што покажуваат и податоците, според кои во 2017 година, вкупниот извоз изнесувал 180,04 милиони евра, со пораст од 21,9 отсто во споредба со 2016 година. 

- Имајќи ја предвид географската близина, инфраструктурната поврзаност, но и воспоставените деловни врски помеѓу компаниите од двете земји, потенцијалите за зајакнување на економската соработка се уште не се искористени максимално, констатира Азески. 

Истакнува дека за таа цел потребно е Македонија и Грција да склучат поголем број билатерални договори, вклучувајќи и договор за одбегнување на двојното оданочување, за трговска и царинска соработка, како и договори за заемни патувања на граѓаните.

-  Нашите компании заеднички можат да постигнат многу. Тие можат да бидат клучниот фактор за достигнување на посакуваното ниво на економски раст и развој во двете земји, но затоа да се случи, на бизнисот мора да му бидат обезбедени потребните услови, посочи претседателот на Стопанската комора. 

Стопанската комора на Македонија и Унијата на Грчките трговско-индустриски комори уште во 2007 година пред надлежните органи го покренаа прашањето за склучувањето на Договор за одбегнување на двојното оданочување, но заложбите досега не забележаа успех. 

 

 

 

08.02.2018 - 15:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега