Грипот зема замав: Најмногу заразени во Гостивар

Во текот на изминатата недела (од 29 јануари до 4 февруари), во Република Македонија се регистрирани 2.001 заболен од грип, што е зголемување за 84 отсто споредено со неделата пред неа кога беа регистрирани 1.085 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.

Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 563 заболени, постои зголемување на бројот на заболени во петтата недела за 3,6 пати. Регистрираната инциденца и oваа недела е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно над прагот што означува влез во сезоната на грип.

Во петтата недела најголем број заболени – 1.239 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 173,7 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени лица – 1200 се пријавени од подрачјето на Подрачната единица Гостивар, а највисока инциденца 353,1 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Дебар.

Амбулантите се полни со пациенти кои се жалат на висока температура, течење на нос, главоболки, болки во зглобови и општа малаксаност. Симптомите укажуваат на грип, заболување кое вообичаено зема замав во овие месеци.

Општите мерки за заштита кои ги препорачуваат лекарите се: Да се избегнува собирање и престој во простории каде престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни, кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура, често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекциско средство, да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат, потоа топло, но слоевито облекување, топли бањи и да се пијат топли напитоци (чаеви и супи), овошни цедени сокови, вода со лимон.

 

 

 

09.02.2018 - 09:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега