Димитров на неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ - таму и Коѕијас

 

 Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров денеска и утре ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, кој се одржува во Софија во организација на бугарското претседателство со Европската унија.

Домаќин на состанокот е бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, а на него ќе учествуваат и шефовите на дипломатиите на 28. земји-членки на ЕУ, како и министрите за надворешни работи на петте земји кандидатки од регионот Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.

На состанокот ќе присуствува и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, кој заедно со Димитров учествува во преговарачкиот процес за решавање на спорот за името. Постои можност двајцата министри повторно да се состанат во Софија, по речиси шестчасовните преговори во Виена во вторникот под покровителство на медијаторот Метју Нимиц, од кои и грчката и македонската страна не изнесоа детали за разговараното.

Состојбата во Западен Балкан, со акцент на евроинтегративниот процес на регионот, како и ситуацијата во Сирија и Северна Кореја, ќе бидат темите на кои ќе се дискутира на сесиите на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на Европската унија (Гимних). Овие состаноци се неформални, а учесниците имаат можност да дискутираат за актуелни прашања, но по дебатите не се усвојуваат декларации или формални заклучоци.

 

 

 

15.02.2018 - 08:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега