Деновиве се очекува да биде отворен привремениот граничен премин Стрезимир - Рестилица
Граничниот премин Стрезимир - Рестилица, на македонско-косовската граница, како и изминатите лета, деновиве ќе биде отворен за минување за граѓаните од двете земји. Преминот е лоциран во местото Луково Поле, на тромеѓето Македонија-Албанија-Косово, поточно на заедничката гранична линија помеѓу Македонија и Република Косово.
Веста за МИА ја потврди градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски, со чие залагање, преминот, кој е на територијата на оваа општина, во летниот период е отворен за патници и возила од 2018 година.
-Точниот датум сè уште не е прецизиран, но ќе биде деновиве. Како и изминатите години, ќе функционира секој ден од 8 до 20 часот, а за преминување ќе важат истите правила како и на другите гранични премини, односно документ за идентификација, пасош или лична карта, додаде Куртовски.
Како привремен, овој премин официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Но, поради несоодветната патна инфраструктура, фреквенцијата беше минимална, по што беше целосно затворен.
По подолг период отворен беше во 2018, во истиот летен период, потоа и следната година, не се отвори во 2020 поради пандемијата. Последните четири години отворањето е редовно.
Од косовска страна изграден е нов асфалтен пат, додека од македонска најавено е отпочнување на изградба.
Општина Маврово Ростуше и општина Драгаш, каде триторијално припаѓа селото Рестилица, имаат добра соработка а од средината на минатиот месец потпишаа и меморандум за збратимување.
Куртовски и неговиот колега, градоначалникот на општина Драгаш, Беџет Џеладини, изразија убедување дека збратимувањето ќе биде уште еден поттик за подобра соработка во иднина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа