Хан: ЕУ е сосема сигурна дека Македонија ќе го реши спорот за името до јули
Европската унија е „сосема сигурна“ дека Македонија ќе го реши долгогодишниот спор за името со Грција пред јули, изјави денеска во Софија еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан.
Запрашан дали спорот ќе биде решен до крајот на бугарското претседателство, што истекува во јуни, Хан одговори дека е „сосема сигурен во тоа“.
Тој денеска во Софија учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ и државите кандидати.
Очекување дека спорот за името ќе биде решен и Македонија за време на бугарското претседавање ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, искажа и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Таа се надева дека на состанокот на Европскиот совет во јуни ќе се донесе одлука за отворање на преговорите со Македонија.
- Имајќи го предвид развојот на настаните и разговорите кои се во тек, мислам дека има голема шанса тоа да се случи, рече Захариева на прес-конференцијата по состанокот во Софија.
За спорот меѓу Скопје и Атина за името, Захариева рече дека гледа политичка волја кај владите на двете земји за изнаоѓање трајно решение.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа