Радев: Новото име на Македонија да не содржи географска одредница која ќе биде на штета на Бугарија

 

Средбата и разговорите меѓу македонскиот и бугарскиот претседател, Ѓорге Иванов и Румен Радев претставува ново продлабочување на односите меѓу двете земји, оценка на двајцата претседатели. На иницијатива на Иванов, Радев согласен да биде направен и договор за стратешко партнерство меѓу двете држави. Сакаме да сме пример за добрососедски односи, посочи Иванов, оценуваќи дека веќе потпишаниот Договор со Бугарија претставува амбиент за уште поголема соработка.

„Договорот за добрососедство со земја, која е членка на Европската унија и НАТО е најсилен доказ дека во македонскиот Устав нема одредби за иредентизам и територијални претензии. Сакаме нашите односи да бидат пример меѓу државите на Балканот, со цел продлабочување на добрососедските односи. На денешната средба со претседателот Радев разговаравме за тоа во кои области имаме постигнато најмногу доверба, најмногу потпишани договори, во која област постои взаемен интерес, а тоа е пред се во сферата на одбраната“, изјави претседателот Иванов.

Бугарија е вашиот адвокат за европерспективите на Македонија- порача бугарскиот претседател Румен Радев, кој потенцираше дека треба уште многу да се работи преку Договорот за пријателство во сите сфери, особено во економијата, енергетиката, транспортот. Радев се надева дека Македонија и Грција ќе изнајдат решение за спорот со името, но неприфаливо е за Бугарија, рече тој, име со географска одредница кое ја засега и неговата земја.

„Решавањето на спорот за името се води преку директни разговори меѓу двете земји, се разбира дека овие преговори и нас нѐ засегаат. Бугарската позиција е јасна, решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија“, изјави бугарскиот претседател Радев.

Нашите народи имаат блиски односи, но недостасува политичка доверба, беше кажано на прес- конференцијата на двајцата шефови на Македонија и Бугарија. Иванов и Радев заклучиле дека со потпишување на Договорот за соработка и пријателство се зголемила и трговската размена која изнесува 600 милиони евра, но позитивни резултати има и во туризмот. Треба да се работи на инфраструктурно поврзување на двете држави- заклучок на претседателите Иванов и Радев.

 

 

 

 

16.02.2018 - 16:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега