„Нова Македонија“ објави нови детали и фотографии за трагедијата на Кајмакчалан
Грчките специјални единици за справување со катастрофи ги пронашле македонските планинари во саботата вечер, во 22 часот, на 10 февруари и се обиделе да го извлечат, односно да го спасат планинарот кој сѐ уште бил жив. Ова го пишува во барањето за обдукција на телата на загинатите планинари од 11 февруари, испратено од полицијата во Воден до Судската медицина во Солун, објави весникот Нова Македонија.
Во документот се наведуваат детали од потрагата и што се случувало ноќта меѓу саботата и неделата, но тој открива и нови информации, кои досега не беа пласирани во јавноста и кои недостигаат во извештајот на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија.
-Во полицискиот документ се наведува дека загинатите планинари се пронајдени од грчките спасувачи (СЕСК) во 22 часот, „при што е направен обид за нивно извлекување“. Според документот, специјалците прво се обиделе да го спасат едниот од нив, кој „бил сѐ уште свесен“, употребувајќи ремен за да го извлечат. Во извештајот во кој се наведува изјавата на спасувачот, во текот на извлекувањето поради непозната причина ременот се откачил и планинарот „паднал на стрмната падина на уште поголема длабочина“. Грчките спасувачи од Солун изјавиле за полицијата дека планинарката „не покажувала знаци на живот, ниту на чувствителност“ и, според нивниот исказ наведен во документот, таа „веројатно беше веќе почината“. Во документот не се наведуваат детали дека е направен обид за нејзино извлекување, објави весникот.
Факсимил од полицискиот документ за спасување на лоцираните планинари до кој дојде „Нова Македонија“
Извештајот наведува дека по неуспешниот обид за извлекување на планинарот и „поради темнината и лошите временски услови (силен снег и силен ветер)“, било невозможно планинарите „да бидат лоцирани“ (?!).
Според наводите од документот, може да се заклучи дека потрагата вечерта прекинала и дека Специјалните единици за справување со катастрофи се вратиле на местото каде што биле планинарите дури следниот ден. Телата на планинарите се пронајдени мртви на 11 февруари во 10 часот по грчко време, а нивните тела се извлечени во 13 часот и се пренесени во болницата во Воден.
-Овој документ отвора низа прашања и дава нови сознанија за текот на спасувачката акција.Планинарите биле најдени уште вечерта, но не биле спасени. Останува нејасно како ременот се скинал во текот на извлекувањето и зошто непосредно по ова прекинала акцијата за спасување, кога едниот од нив сѐ уште бил жив и свесен. Уште почудна е и констатацијата на спасувачите дека младата планинарка „веројатно била веќе почината“ и како спасувачите го утврдиле тоа, имајќи предвид дека во документот не се наведува дека тие дошле во физички контакт со младата планинарка.
Падината од грчка страна е лесна за качување
Дали е направено сѐ за нивно спасување? И во грчкиот полициски документ и во извештајот на Планинарската федерација постојат многу недоречености и дупки во временската рамка додека траеле пронаоѓањето и обидот за спасување на двајцата планинари. Стануваат очигледни пропустите во протоколите за спасување што довеле до фатални последици. Се придржувале ли планинарите на „Трансверзалец“ и водичот на турата до правилата за пронаоѓање и спасување изгубен планинар? Постојат ли вакви правила и кој ги пропишува? Зошто се непотребно потрошени првите два часа од моментот кога планинарите утврдиле дека им фалат двајца членови? Зошто грчките специјалци ги оставиле планинарите цела ноќ на Кајмакчалан кога знаеле дека тој е жив, а за неа имале само претпоставка дека „веројатно“ веќе е почината, односно дека не покажува „знаци на живот и на чувствителност“?
Местото каде што спасувачите ги извлекуваа телата на планинарите (ФОТО- Дарко Андоновски)
На овие и на други прашања, специјалната екипа на „Нова Македонија“ ќе ги бара одговорите наредните денови за да дојде до вистината за трагичниот настан.
Олтарот во црквата со книгата за регистрација на планинари<br />(ФОТО- Дарко Андоновски)
Местото каде што се лоцирани загинатите планинари (ФОТО- Дарко Андоновски)
Последната фотографија што ја направила планинарката која загина(ФОТО- Дарко Андоновски)
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа