Македонските спасувачи биле мобилизирани еден час пред исчезнатите планинари да бидат пронајдени мртви на Кајмакчалан

Дирекцијата за заштита и спасување иако била подготвена, сепак не излегла на терен во потрага по планинарите кои трагично загинаа на Кајмакчалан, објави Макфакс.

Двајцата планинари, беа пронајдени на македонска територија, а грчките служби ги извлекоа нивните безживотни тела. Од ДЗС за Макфакс велат дека имале информација дека планинарите се на грчка територија, а без службите на соседната држава да побараат помош, македонските спасувачи не можеле да делуваат.

-Иако бевме подготвени и комплетирани, не почнавме со претрага и нивно спасување. Причината е што согласно добиената информација, двајцата планинари беа од страната на Република Грција, а не од страната на Република Македонија. За ангажирање на наши спасувачи на територија на други држави секогаш мора да има официјално барање од државата која бара помош ние да испратиме наши спасувачи, вели Слободан Вуковиќ од Дирекцијата за заштита и спасување за „Макфакс“.

Тој за Макфакс вели вели дека тимот на ДЗС бил целосно мобилизиран во 9 часот, а грчкиот извештај за несреќата покажува дека во 10 часот, исчезнатите планинари биле пронајдени мртви. Акцијата не се извршила, бидејќи никој не дал насока за понатамошна активност.

„На ден 11.02.2018г. (недела) во 03:30 часот добиена е информација од Секторот за внатрешни работи Битола дека во Република Грција при планинарење, планинари од Скопје, се изгубени, еден маж и една жена. Веднаш беше издадена наредба да се изврши процена, да соберат релевантни податоци, а потоа, доколку е потребно веднаш да се отпочне со мобилизација на Тимот за брз одговор за заштита и спасување од Битола. По извршената процена во 04:00 часот е отпочната мобилизацијата. Таа заврши во 09:00 часот кога целокупната опрема беше ставена на располагање за престојната акција која требаше да се изврши и се чекаа насоки за понатамошна активност“, вели Вуковиќ.

Доколку дванаесетте спасувачи, по целосната мобилизација во 9 часот беа испратени да го пребаруваат теренот, според сервисот „гугл мапс“ ќе им требало минимум два часа да стигнат до врвот Кајмакчалан, од македонска страна за да ја започнат акцијата. Дирекцијата за заштита и спасување, теоретски би пристигнала во 11 часот, време, кога според барањето за обдукција на телата, грчките служби ги извлекувале безживотните тела на планинарите од местото каде се пронајдени.

Дирекцијата за заштита и спасување нема информации зошто АРМ не е вклучена во оваа активност. Претседателот на Федерацијата на планинарски спортови, Јовица Угриновсвки, пред два дена изјави дека Калина и Александар можеле да бидат спасени. Основното јавно обвинителство соопшти дека отвори предмет за расветлување на трагичниот настан на планинскиот врв Кајмакчалан. Тие издале наредба да се направат проверки и во планинарското друштво „Трансверзалец“ , нивните акти и одлуки врз основа на кои се организираат планинарските експедиции, потребните услови што треба да се исполнат, како и околностите под кои се спроведувало искачувањето на Кајмакчалан.

 

 

 

23.02.2018 - 18:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа