Министрите Николовски и Лајиќ утре ќе го решаваат проблемот со брашното

 

 Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и српскиот вицепремиер и министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ утре во Скопје ќе го решаваат проблемот со брашното.

Министерството за земјоделство за МИА потврди дека средбата меѓу двајцата министри ќе се одржи и дека „се очекува надминување на состојбата“.

Откако македонската Влада го донесе новиот Правилник за увоз на брашно во земјава, Србија се закани дека ќе воведе контрамерки за увоз на сите наши земјоделски и прехранбени производи.

Новиот Правилник предвидува контролни маркички на брашното да се ставаат по увезување на пратките и нивната контрола, а не уште во Србија, пред да се реализира извозот во Македонија.

Љајиќ завчера од Николовски ја добил информацијата за измена на Правилникот, а претходниот ден, двајцата министри телефонски разговарале за начинот како да се реши проблемот. 

Во телефонскиот разговор, пак, во понеделникот, Љајиќ и Николовски  се согласиле дека е неопходно проблемот да се реши, при што Љаиќ изразил надеж дека тоа ќе се случи до крајот на неделава. Според двајцата министри, во интерес на стопанствата на двете земји е протокот на стоки, луѓе и услуги да се одвива непречено. Министрите се согласиле и дека воведувањето какви било нетарифни бариери, мерки и контрамерки ќе има штетно влијание врз размената на стоки која во континуитет расте.

И премиерот Зоран Заев изрази надеж дека ќе се најде решение за ова прашање. Тој во неделата, на 25 февруари, рече и дека не очекува поскапување на лебот поради проблемите со кои се соочуваат мелничарите. Заев во оваа прилика оцени дека државата мора да интервенира.

- Јас на решението гледам преку модерните мерки што ги употребуваат земјите како што се складишните белешки кои се како вредносни хартии. Се работи за можност кога преку давање складишна белешка, производителите на жито да можат да ги претворат во пари заради сеидбена сезона, а продажбата на житото да се случи кога цената на житото е повисока. Таквите механизми се решенија за оваа проблематика за да може да имаме доволно задоволни и доволно мотивирани производители на жито, а тоа да нема влијание врз севкупната цена на лебот, истакна Заев.

За српските производители, Македонија преставува трет извозен пазар, каде годишно се пласираат 30.000 до 40.000 тони брашно.

Спорот околу извозот на српското брашно во Македонија досега се појавуваше во септември секоја година, но преку преговори на надлежните министерства се постигнуваше договор.

 

 

 

 

01.03.2018 - 11:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега