Вељаноски-Јосиповиќ: Хрватска целосно ги поддржува евроинтеграциите на Македонија

Македонија и Хрватска немаат отворени прашања, а билатералните односи на сите полиња во изминатиот период се во постојан подем.

Ова е заклучокот кој денеска го донеле претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски и хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ.

Вељаноски, информираат од неговиот Кабинет, на средбата истакнал дека со приемот на Хрватска, Република Македонија доби уште еден пријател во европското семејство, потсетувајќи дека евроатлантските интеграции беа определба и константа на двете држави.

Претседателот на македонското Собрание истакнал дека двете држави заедно го одеа овој пат, но поради познатите причини, Република Македонија беше блокирана од страна на јужниот сосед.

На средбата станало збор и за унапредувањето на парламентарната соработка, за која Вељаноски истакнал дека е успешна и дека е значаен инструмент во градењето на севкупните билатерални односи.

Двајцата соговорници разговарале и за актуелните политички случувања во Македонија и Хрватска.

Претседателот на Република Хрватска на средбата истакнал дека како и досега, така и во иднина, Хрватска во целост ќе ги поддржува евроатлантските интеграции на Република Македонија, како и во пренесување конкретно искуство во политичката и во техничката сфера за побрзо интегрирање во Европската унија. Тој се осврнал и на положбата на хрватското малцинство кај нас и македонското во Хрватска, истакнувајќи дека и двете држави преземаат конкретни мерки за зачувување и развивање на нивната положба во самите држави. Во однос на спорот со нашиот јужен сосед, Република Хрватска, како што се наведува во соопштението, ќе го поддржи секое решение што е прифатливо за нас.

На средбата Вељаноски и Јосиповиќ размениле мислења за економијата, одбраната, транспортот, земјоделството и туризмот во двете држави, за кои се согласни дека треба на меѓусебен план уште повеќе да се унапредуваат.

05.09.2013 - 13:05
Фото: 
sobranie.mk

најчитано сега