Мицкоски: ВМРО- ДПМНЕ ќе остане отворена партија, со отворени врати на која најважни и се граѓаните

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, ја оценува Владата на СДСМ како најлоша Влада која Македонија ја имала до сега.

-Секојдневно имам комуникација со граѓаните на Република Македонија. Граѓаните се масовно разочарани од политиките кои што ги води Владата на СДСМ во било кој план дали во економијата, меѓународен план, реформите кои ги ветуваа во 3-6-9, дали од безбедноста, се случуваат грабежи и неразјаснети убиства…. Она што за нас е посуштински е тоа дека последиците ќе останат и после тоа. Ние треба да најдеме начин да се справиме со истите и да ги менаџираме. Тоа е суштината на која ние сме сега фокусирани. За тоа ни треба правилна навигација  и од гражаните, од бизнис заедницата, од сите останати целни групи кои ги комуницираме, за да може да определиме соодветни политики кои ќе дадат одговор на таа навигација. Се со цел да го направиме животот на нашите граѓани покомфортен, поудобен, поквалитетен. Ова што сега се случува е политика на најлошата Влада на Република Македонија од нејзиното осамостојување до денес. За жал. Иако дојдоа со голема помпа, со големи ветувања, сепак ова фијаско што се случува во Македонија ќе остави огромни последици што не гледам дека во иднина лесно и едноставно ќе се справиме со нив- вели тој.

Оптимист е дека следната влада ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека се надева на предвремени парламентарни избори.

Но вели дека за да се случи враќање на ВМРО-ДПМНЕ на власт, мора да има фер и демократски избори, потсетувајќи ја јавноста на немилите настани кои се случуваа во текот на изборната кампања и изборниот ден за време на локалните.

Мицкоски потенцираше дека политиката на отворени врати во ВМРО-ДПМНЕ е реалност.  

Апсолутно партијата е отворена, тоа е главниот мотив во мојата политика, обединувачкиот карактер, партија на отворени врати. Јас како Генерален секретар бев посветен на базата, но и претходно како член на Извршниот  Комитет на партијата. Имав континуирана теренска активност со нашите општински комитети, со нашите членови, во структурната на ниво на општински и месни комитети. Истото тоа ќе го продолжам и како претседател на партијата и го сугерирам на моите соработници од Генералниот секретар, соработниците од Извршниот Комитет, изјави во „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

– Секој оној добронамерник кој што сака да застане на патот на погрешните политики на владата предводена од СДСМ и Зоран Заев е добредојден, вратите во ВМРО-ДПМНЕ се секогаш отворени. Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ стојам на располагање и ги поканувам сите оние добронамерници да ни се придружат на овој план, нагласи  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Во врска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека пратеничката група е компактна, одлуките кои што се носат во партијата се единствени.

– Демократскиот капацитет внатре во партијата е голем. ВМРО-ДПМНЕ е партија со огромен демократски капацитет и почитуваме различни мислења, ги аргументираме до моментот додека не се донесе заедничка одлука. До тој момент апсолутно ги имаме сите можности да ги аргументираме нашите позиции.  Јас што не сум пратеник, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, останатите членови на Извршниот Комитет кои што не се пратеници во Собранието на Република Македонија, пратениците во рамките на пратеничката група ги аргументираме нашите позиции, доаѓаме до конечна одлука, став и тој е заеднички прифатен и едногласно. Соработка е на едно одлично ниво, истакна Мицкоски.

Мицкоски додаде дека целта на партијата ќе биде ВМРО-ДПМНЕ  да победи на следните предвремени парламентарни избори и да освои 61 пратеник.

Сите оние луѓе кои што ме познаваат и кои што имале можност да ме запознаат и да соработуваат со мене знаат дека јас во животот немам концесија никаква. Моја единствена цел како претседател на ВМРО-ДПМНЕ е да анимирам што е можно поголем број луѓе, целни групи а се со цел да застанат рамо до рамо со нас и да ја поразат оваа деструктивна политика којашто во моментот ја води владата на Зоран Заев заедно со коалицијата која што е дел од неа. Апсолутно не станува збор за никаква концесија нити за никакви ветувања, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан  Мицкоски.

Тој додаде дека единствената цел на неговата работа е да направи подобро место за живеење во Македонија.

-Сето ова го правам само со една цел, а тоа е да направам подобро место за живеење. Сите предлози што ги давам на моите соработници кои што дел се прифаќаат, дел се домоделираат, дел не се прифаќаат нормално се во насока на тоа да направиме постабилна, покохерентна структура на ВМРО-ДПМНЕ, да анимираме што е можно повеќе наши поддржувачи и истомисленици како би можеле на поедноставен начин да ја поразиме оваа деструктивна политика, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

 -Нашата цел е победа на следните предвремени парламентарни избори и 61 пратеник. Како ќе дојдеме до таа цел, тоа е до нас. Дали алатките коишто ги користиме ќе бидат во полза на сето ова, ќе видиме, времето ќе покаже. Јас сум сигурен дека тие алатки се навистина тие што треба да ги користиме и тие алатки нас ќе ни ја донесат победата со 61 пратеник, а тоа е на следните предвремени парламентарни избори, потенцираше Мицкоски.

Додека пак промена на името, Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Устав со цел промена на уставното име и нема да преговара за идентитетските прашања. ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати име кое ќе нема превод, рече тој.

Според Мицкоски, историјата покажалa дека секогаш кога некој друг одлучувал за иднината на Македонија, а не ВМРО-ДПМНЕ, државата излегувала како губитник.

 Мицкоски вели дека СДСМ со “пиши бриши’ дипломатијата и какафоничноста во изјавите ги загрозува позициите на Македонија во спорот како и македонските национални интереси.

 Местото на опозицијата е во Собранието, нашиот одговор е, ДА, така е. Кажете пример во светот каде се држат 12 % од пратеничката група во притвор? Во моментот кога постои политички терор, ние имаме единствена алатка тоа е демократскиот  процес, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервјуто за Канал 5.

Мицкоски додава дека контакт со пратениците нема и не може да има бидејќи луѓето се во притвор.

Пристап до нив имаат само нивните бранители. Тој вели дека е во контакт со нивните адвокати и се анализира можноста како да се делува со актот за кривичното дело со кое се сомничат.

Мицкоски додава дека тука не е само политичкиот момент во прашање и има сериозна дилема зошто се случува целата оваа работа.

 

 

 

01.03.2018 - 20:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега