Цариниците со полни раце работа

Постапувајќи по констатираните неправилности, Царинската управа на Република Македонија, во август 2013 година, до надлежните јавни обвинителства поднесе 5  кривични пријави против  2 правни и 6 физички лица.

Кривичните пријави се поднесени поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, „Неовластено производство и промет со општоопасни материи“, „Царинска измама“, „Посебни случаи на фалсификување исправа“ и „Фалсификување исправа и поднесување лажни докази“.

Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори - Кривична пријава е поднесена против државјанин на Република Молдавија и Романија заради обид за криумчарење на околу 12 кг марихуана.

При извршен детален преглед на возилото со молдавски регистарски таблички кое го управувал споменатиот, а со кое на 03.08.2013 година сакал да ја напушти државата преку граничнит премин Деве Баир, во внатрешноста на резервоарот за гориво, потопени во нафта беа пронајдени 25 пакувања завиткани во прозирна најлонска фолија исполнети со марихуана. Вкупната тежина на марихуаната изнесува 12,39 кг. Според изјавата на пријавениот, дрогата ја набавил во Саранда, Албанија, каде возилото го предал на албански државјанин, и истото му било вратено по четири часа, со сокриената дрога. Пријавениот, за паричен надомест од 1.000 евра требало дрогата да ја пренесе во Молдавија.

Неовластено производство и промет со општоопасни материи
- Кривична пријава е поднесена против македонски државјанин заради обид за криумчарење на 184 пиротехнички средства.

На 3 август 2013 година на граничниот премин Блаце, за влез во Република Македонија се пријави осомничениот како возач на патничко возило со германски регистарски таблички.  При преглед на на возилото, царионските службеници пронајдоа 184 светлечки ракети и огномети. Според изјавата на пријавениот, стоката ја купил во Урошевац – Косово. 
На ваков начин пријавениот непрописно пренесувал материи кои можат да предизвикаат општа опасност за животот на луѓето.

Царинска измама
Кривична пријава е поднесена против правно лице од Скопје со лиценца за вршење на енергетска дејност - производство на топлинска и електрична енергија и неговото одговорно лице, македонски државјанин, затоа што во текот на 2013 година не ја исполниле законската обврска за увозно царинење и плаќање на увозните давачки со намера да избегнат целосно плаќање на царински и други давачки во износ од 5,3 милиони денари.

При контрола на работењето на трговското друштво за првото полугодие од 2013 година, царинските инспектори утврдија е дека трговското друштво  увезло природен гас (метан) во количина од 1.264.102 нм3 (нормални метри кубни), односно 42.923 ТЈ (тера џули) без воопшто да поднесе царински декларации за увоз. Измамамта е откриена со проверка на фактурите, актите за примопредавање на испорачан гас и извештаите за квалитет на гас на испорачателот на природен гас. Вредноста на увезениот гас е околу 530 илјади американски долари, а со неподнесување на царински декларации за споментата увезена количина, трговското друштво избегнало плаќање на царински увозни давачки во висина од 5,5 милиони денари (околу 90 илјади евра).

Посебни случаи на фалсификување исправа 
Кривична пријава е поднесена против правно лице од Кавадарци кое врши работи за застапување во царинска постапка и двајца македонски државјани - одговорното лице и вработено лице во правното лице, заради неовластено поднесување на царински декларации и упад во електронскиот информатички систем на Царинската управа - МАКЦИС.

Случајот е откриен при контрола на царинските декларации поднесени од правното лице во царинската испостава Кавадарци при што е утврдено дека лиценца за вршење на застапување во царински постапки и овластување за влез во електронскиот систем на Царинската управа – МАКЦИС заради креирање на декларации имало единствено одговорното лице во правното лице. Меѓутоа, во периодот кога овластеното лице било надвор од Република Македонија, биле поднесувани царински декларации потпишувани во негово име и со користење на негова лиценца. Поднесени се 21 царинска декларација, креирани во МАКЦИС и потпишани од страна на вработено лице во фирмата, кое не поседувало лиценца за застапување. Сопственикот на лиценцата, иако знаел дека вработената не поседува соодветна лиценца ú ги ставил на располагање лозинката за влез во електронскиот систем и бројот на неговата лиценца. Со ваквото постапување пријавените сториле кривично дело фалсификување исправа, казниво по одредбите од Кривичниот законик.

Фалсификување исправа и поднесување лажни докази 

Кривична пријава е поднесена против македонски државјанин, затоа што при увозно царинење на употребувано патничко моторно возило приложил лажен доказ за потекло со цел да му биде одобрен преференцијален тарифен третман, односно царинење со царинска стапка 0%.. Царинската управа се обрати до царинската служба на Сојузна Република Германија, со барање за верификација на приложената фактура, од каде е добиен одговор дека извозникот нема наведено ниту потпишано изјава во фактурата.

Интегрален текст од Царината.

05.09.2013 - 13:57
Фото: 
Кајгана

најчитано сега