Жугиќ: Шилегов, Јанчева и СДСМ назначија стотина партиски војници за членови на Управни и Надзорни одбори

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје денес ја информираше јавноста за скандалозното однесување и постапување на Претседателот на Советот на Град Скопје Љубица Јанчева и градоначалникот Шилегов.

-Тие на вчерашната седница на Советот на град Скопје изгласаа најмалку стотина членови на управни и надзорни одбори на градските претпријатија, на максимално нетранспарентен и шверцерски начин, без притоа, и покрај инсистирањето на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, да се прикажат биографиите на истите личности и да се увиди дали тие ги исполнуваат законските услови за нивно назначување.        Фактот што Советот на град Скопје ги крие информациите од увид на јавноста создава кај нас оправдан сомнеж дека тие не ги исполнуваат законските услови за нивно назначување, како и фактот што значителен дел од нив се партиски активисти на СДСМ, членови на нивните партиски тела, нивни поддржувачи и партиски војници. Прво, Претседавачот на Советот на град Скопје, Љубица Јанчева која доаѓа од СДСМ не овозможи увид во тоа дали предложените членови ги исполнуваат законските услови да имаат најмалку три годишно работно искуство од областа, да имаат сертификат за познавање на странски јазик, да имаат судска потврда за неосудуваност, истакна Јелена Жугиќ.

Таа потенцира дека за член на управниот одбор на ЈП Комунална хигиена е назначен Благој Зашов поранешен амбасадор кој доаѓа од НСДП.

-За член на УО на ова претпријатие се предлага и членот на Централниот одбор на СДСМ Виолета Трпчевска. Се предлагаат, почитувани и други имиња кои се членови на органи на СДСМ, кои се вработени во Влада на Република Македонија, директори на други позиции, а сега членови на управни и надзорни одбори, луѓе кои се редовен декор се партиските собири и настани на СДСМ. Токму затоа на секое наше барање за подетални информации претседателката на Советот Јанчева одговараше дека нема обврска да ни даде такви информации што воопшто не е точно, рече таа.

Жугиќ обвини дека градоначалникот Шилегов ја излажа јавноста.

-Ветуваше пред изборите дека СДСМ ќе работи на професионализација на институциите, а во реалноста се врши масовна партизација и постои отворен сомнеж за непочитување на законот криејќи ги информациите за членовите на Управни и надзорни одбори кој ги именуваат. Вториот сегмент на кој сакам да се осврнам е ноншалантно однесување и голиот популизам кој се спроведува во градот Скопје. Имено во текот на вчерашната седница, градоначалникот Шилегов изјави дека опозицијата не е клучен фактор во носење на стратешки одлуки. За жал или за среќа демантот пристигна неколку часа подоцна каде две точки од дневниот ред паднаа, бидејќи не можеа да обезбедат мнозинство во сопствените редови за да се изгласаат точките на дневниот ред, и наместо истите точки да се одбијат, сега тие презакажаа седница во понеделник со дневен ред со истите тие точки кои не поминаа претходно. Веројатно нивната тенденција е советот да работи се додека не се донесат тие точки за кои тие зацртале дека потребно да се изгласаат. Ова преставува морална ерозија и насилство врз правилата и деловникот за работа на градот Скопје што само го покажува недостатокот на демократскиот капацитет на СДСМ и Шилегов, заклучи таа.

 

 

 

02.03.2018 - 16:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега