БЕСА на Касами обвинува: Власта не си ги почитува сопствените институции

„Приемот на Гаши во Владата и неговото претставување на официјалната веб страница како претседател на БЕСА, за нас е апсурд. Значи дека владата не ги почитува Централниот регистар и Основниот суд Скопје1, во кои единствениот кој фигурира како претседател на партијата е Биљал Касами, кој неодамна беше реизбран и на Конгрес. За нас, тие кои беа на вчерашната средба, не го претставуваат Движењето БЕСА“, изјави портпаролот Абдуш Демири.

Владата не си ги почитува сопствените институции, реагираат од Движењето БЕСА на Биљал Касами, по вчерашната средба на премиерот со Африм Гаши, кој исто така се претставува како претседател на оваа партија, откако дел од членството го избра на паралелен конгрес.,

Основниот суд Скопје 1 пресуди во корист на Касами, кој засега е единствениот кој има законско право на користење на името, логото и печатите на партијата. Но, во владиното соопштение, објавено на сајтот на Владата, Гаши е претставен како претседател на БЕСА и со него Заев вчера разговараше за влез во владата.

Од владата имаа кусо објаснување за постапката.

„Гостите во соопштенијата ги потпишуваме како што се претставуваат, не навлегуваме во судски постапки.“

Во владиното соопштение, објавено на официјалниот сајт стои дека е одржан работен состанок меѓу премиерот и претседателот на движењето БЕСА, Африм Гаши и дека е договорено разговорите да продолжат во текот на овој месец поради обезбедување на идна соработка на парламентарно ниво, како и во  извршната власт. По средбата Гаши изјави дека е подготвен да влезе во власта.

Средбата доаѓа по најавите на премиерот за проширување на парламентарното мнозинство на 70 пратеници, по што неминовно ќе следи и владина реконструкција. БЕСА и ДПА се двете опозициски партии кои би можеле да станат дел од мнозинството. БЕСА во парламентот има пет пратеника, од кои двајца се во крилото на Касами, но и покрај тоа пратеничката група засега дејствува усогласено, додека ДПА има два пратеника. На страната на мнозинството се и пратеникот Чедомир Саздовски кој излезе од ГРОМ и Весел Мемеди, кој ја напушти Алијансата. Иако засега не се спомнува таква можност,  за да се стигне до бројка од 70 пратеници, во власта ќе мора да се вратат и двајцата пратеници од Алијансата за Албанците, а тука е и пратеникот Амди Бајрам, кој излезе од опозициската коалиција, но засега нема такви најави.

Извор: Телма

 

 

 

02.03.2018 - 16:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега