Единиците на МВР покажаа како би се справиле во ситуација со заложници во вода

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска денеска престојуваше во работна посета на Охрид, каде проследи дел од активностите во рамки на националната вежба за превенција од тероризам „Галеб 2013“ што се спроведува на Охридското Езеро.

Интенција е преку вежбата да се согледаат капацитетите и подготвеноста на безбедносните органи за брза реакција во случај на киднапирање брод, како и да се детектираат евентуалните слабости што би биле во функција на воспоставување нови механизми за соодветно реагирање при терористичка закана од таков вид.

- На вежбата беше покажано како единиците на МВР би се справувале во ситуација со заложници на вода, односно од киднапиран пловен објект. Ние и во иднина ќе спроведуваме вакви вежби за на најдобар начин да добиеме реална слика за капацитетот и подготвеноста на единиците на МВР да реагираат на најразлични ситуации, истакна Јанкуловска.

- Ова што денеска беше демонстрирано покажува дека МВР има сериозен капацитет да се справи со сите предзивици. Не смееме да го игнорираме фактот на новите безбедносни закани во светот и токму заради тоа на еднаков начин како што се подготвуваат соодветните служби од развиените земји, се подготуваат и нашите единици, подготвени да одговорат на секоја ситуација, додаде Јанкуловска.

- Токму од тие причини МВР со сите свои сегменти остварува интензивна соработка не само со земјите од регионот, туку и со други сродни служби, во функција на навремена  размена на информации и соодветно делување при справување со некои ситуации што не се непознати во условите во кои денес живееме, додаде таа.

Вежбата е дел од Акцискиот план на Националната стратегија за борба против тероризмот.

Министерката Јанкулоска попладнево ќе ја посети и општина Дебрца, каде ќе се сретне со градоначалникот Игор Трајкоски. 

05.09.2013 - 14:36

најчитано сега