Осуден за семејно насилство поставен за директор на основно училиште во скопски Аеродром

Судот му забранил да и се доближува на малолетната ќерка а градоначалникот на Аеродром Златко Марин го поставил за директор на основното училиште Лазо Ангеловски во населбата Ново Лисиче

Пресудата на Основниот суд во Скопје која ја објавија повеќе медиуми и со која на новиот директор на Лазо Ангеловски му се изрекла мерка со која му се забранува контакт со сопругата и малолетната ќерка со цел заштита од семејно насилство ја отвори дилемата за капацитетот на кадрите кои треба да го водат образовниот процес.


Според објавената пресуда на Арсеновски во 2014 година на предлог на Центарот за социјални работи му се изрекува времена мерка во траење од една година со која му се забранува да им се заканува или на било каков друг начин да ги малтретира вознемирува и контактира сопругата и малолетната ќерка, откако во 2013 година бил пријавен за семејно насилство.
Исто така судот му наложил да се исели од станот без разлика на сопственоста и му забранил цела година да се доближува до местото на живеење.

 

Документите покажуваат дека Арсеновски не ја почитувал оваа мерка поради што, неговата сопруга во 2015 повторно му се обратила на Судот барајќи од него да ја спроведе претходно донесената пресуда.

Објавените документи покажуваат дека и Основното јавно обвинителство во јуни 2013 година поднело обвинителен предлог до скопскиот кривичен суд против Арсеновски.

„На 15/16 март 2013 година на бул. Авној во Скопје при вршење на семејно насилство психички и физички ја малтретирал својата сопруга нанесувајќи и телесни повреди во вид на контузија на граден кош и контузија на дојка, удирајќи ја со шлаканици и тупаници во пределот на главата и телото.
Со горните дејствија обвинетиот Перо Арсеновски сторил кривично дело телесна повреда од чл. 120 ст.2 в.в. ст.1 од К.З.“ – стои во предлогот на скопското ОЈО.

Сомнително минато

Името на Перо Арсеновски на интернет пребарувач не носи многу убави содржини. Имено, според текстовите кои на крајот на март 2006 година ги објавиле голем број македонски медиуми, Арсеновски се нашол и во средиштето на уште еден инцидент во кој исто така бил обвинет за физички напад на жена.

Тогаш во полиција го пријавила Верица Поповска која пред полицајците тврдела дека Арсеновски кој тогаш бил просветен инспектор во Министерството за образование при контрола на градинката Срчничка во скопски Аеродром, каде што таа била директорка физички ја нападнал за што извадила и лекарско уверение.

 

Во последните месеци од власта на СДСМ во 2006 година, тогашната полиција го истражила случајот па и покрај лекарското уверение на Поповска утврдила дека нема докази за физички напад врз неа, со што случајот се затворил. Иако приказната многу потсетува со актуелната кога специјалното возило пајак беше обвинето за напад врз полициската службеничка, случајот сепак се разликува бидејќи настаните кои подоцна се случуваат покажуваат дека станува збор за класична меѓупартиска битка на тогашната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром и централната на СДСМ околу превласта во градинката.
Кратко подоцна тогашниот министер за труд и социјала Стевчо Јакимовски и ги одзема надлежностите на општината во оваа и во уште една градинка по што, нападнатата директорка ја менува со нова, која според пишувањата на медиумите во 2006 година му била сосетка на сегашниот лидер на ГРОМ.

 

Жителите од населбата Ново Лисиче во скопски Аеродром се револтирани. Велат дека не им е сеедно што со училиштето во кое учат скоро 1400 деца ќе раководи човек на кого судот му забранил контакт со сопствената ќерка. Апелираат до градоначалникот Марин да ја преиспита одлуката и на местото на Арсеновски да постави друг кадар.

Арсеновски утрово не сакаше да ги коментира обвинувањата против него. На нашето прашање дали се точни наводите во медиумите не праша како не ни е незгодно да му поставуваме такви прашања и не упати да го бараме само за други теми.

Проблемот со основните училишта и градинките е топ тема меѓу родителите. Во повеќе градинки и училишта родителите се организираа и протестираа против одлуките на раководните структури во бранот партиски вработувања да ги менуваат восиптувачките, негувателките и наставничките кои на децата им предавале подолг период и кон кои тие се приврзани. Во најголем број случаи, власта на овие барања немаше соодветна реакција

 

 

 

04.03.2018 - 12:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега