Шилегов признава дека има партиски кадри во управните одбори, избрани според нивната стручност
Партиски војници на СДСМ и лица без квалификации се избрани за членови на управни одбори на јавните претпријатиа на градот Скопје, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Советничката група на партијата во градскиот совет, се сомнева дека избраните членови не ги исполнуваат ниту критериумите пропишани со Законот за управни и надзорни органи како познавањето на странски јазик, неосудуваност и неопходното работно искуство.
„Шилегов ветуваше професионализација на институциите, а добивме целосно партиски институции, неефикасни во своето делување. Ова е прв пат градот Скопје да назначи членови на одбори без да биде објавена нивната биографија, ова е преседан кој мора да се расчисти“, изјави Јелена Жугиќ Советник на ВМРО-ДПМНЕ.
За градоначалникот Шилегов, изборот на членовите не е спорен. Признава дека дел имаат партиска книшка на СДСМ ама тврди оти изборот бил правен врз основа на нивната стручност, објави Сител.
„Дали има партиски кадри? Има и партиски кадри меѓутоа не се исклучиво партиски кадри. Сепак дозволете дека довербата е дадена на едно друго политичко мнозинство. Треба да одговара за работата на јавните претпријатиа и општо на градот Скопје. Тоа што ги заменивме партиските послушници на ВМРО-ДПМНЕ не значи дека е крај на светот“, изјави Петре Шилегов, Градоначалник на Скопје
Минатата недела мнозинството го градскиот совет на Скопје ги смени членовите на управните и надзорни одбори. На седницата беа избрани повеќе од 100-тина лица кои ќе одлучуваат за работењето на јавните претпријатиа, училиштата, градинките.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа