Ќе се подобрува статусот на комуналните инспектори
Здружението на комунални инспектори на Македонија денеска го информира премиерот Зоран Заев за нивните предлози за измени во постоечкото законско решение кое ја регулира оваа проблематика, како и за подобрување на статусот на комуналните инспектори.
На денешната средба со Заев, како што соопшти владината прес-служба, во насока кон подобрување на имплементирањето на комуналните закони, како и предлагањето практични решенија кои произлегуваат од нивната работа, комуналните инспектори побарале да бидат почесто консултирани во носењето на законите, подзаконските акти и правилниците за работа на инспекторатите.
Премиерот Заев, како што се наведува, на средбата се заложи во иднина членови од Здружението да бидат вклучени на сите работни состаноци во Министерството за транспорт и врски, кога се носат правилници за работа на инспекторатот, а исто така најави дека ќе го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација да ги додаде општинските комунални инспектори во Правилникот за работни места со висок ризик по здравјето и животот на државните службеници од 1, 2 и 3 степен.
Заев искажал силна поддршка за работата на инспекторите, охрабрувајќи ги да бидат поактивни во поднесувањето конкретни предлози и да ја зајакнат комуникацијата со надлежните министерства. Побарал од нив активно и посветено да се справуваат со отстранувањето на загадувачите и сметот во урбаните и руралните средини во периодот што следи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа