Коѕијас денеска во Скопје на средба со Димитров
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас денеска треба да слета на меѓународниот аеродром Скопје во прва посета на земјата, по преименувањето на аеродромот, што беше една од отстапките, кои македонската Влада ги направи во процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името.
Коѕијас денеска треба да пристигне во земјава, а за утре, како што најави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров е предвидена богата агенда за грчкиот гостин.
Двајцата министри е планирано да разговараат за позициите на двете страни, откако и Грција и Македонија си ги разменија нацрт-договори за решавање на името, за кои Димитров рече дека се разликуваат еден од друг.
- Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел ќе успееме тие разлики да ги надминеме, нагласи Димитров.
Достоинствено решение за името, со почитување на идентитетот, без промени на Уставот е нешто што го бара македонската страна.
Премиерот Зоран Заев, потврдувајќи го пристигнувањето на грчката нацрт-спогодба во Македонија, нагласи оти тие се алатки, што можат да бидат од помош во процесот на преговори, но клучен елемент е нацрт-драфт-меѓународен договор што треба да дојде од медијаторот на ОН во спорот Метју Нимиц.
Заев посочи дека во македонската нацрт-спогодба има повеќе меѓународни формулации на вакви меѓународни договори затоа што формулациите во делот на името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите и слично, се уште се на маса за преговори. Тие се ставени во разни форми, како што се ставени и од грчка страна.
Димитров и Коѕијас на 30 март во Виена ќе имаат нова средба со посредникот на ОН во преговорите за името Метју Нимиц.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа