Заев: До крајот на јуни ќе има средена евиденција за имотите во државна сопственост

 

Работиме со надлежните институции за воспоставување ред со евиденцијата на имотот на државата и очекувам до крајот на јуни да имаме сосема средена евиденција што ќе овозможи добар менаџмент, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање во Собранието на Р.М. од пратеникот Илија Николовски, зошто нема информации за состојбата и работењето со имотот во државна сопственост.

- Институциите имаат лоша евиденција со имотите во државна сопственост. Работиме да се воспостави ред, затоа што од овие ресурси граѓаните очекуваат приходи во буџетот за подобрување на здравството, образованието и социјалната помош. Има огромни хектари земјоделско земјиште што се дадени под концесија, а нема договори и не се плаќа за користење. Од тој аспект очекувам во брзо време да биде комплетирана документацијата за да се знае состојбата со земјоделското земјиште, изјави Заев. 

Посочи дека се воспоставува комплетна контрола на системот на управување со земјоделското земјиште, како и дека се прави трајна база за состојбата со шуми, државни и приватни, со помош на Катастарот и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

- Очекувам до крајот на јуни да имаме прилично средена евиденциска состојба што ќе овозможи слободен менаџмент од страна на државата со државните ресурси. Очекувам добар пресек со севкупната евиденција во целокупниот имот на Република Македонија и тоа да биде завршено до средината на 2018 година. Тоа ќе го објавиме транспарентно, изјави Заев.

Пратеничката Маја Морачанин до министерот за финансии Драган Тевдовски, праша дали во буџетот за следната година се предвидува родово одговорно буџетирање.

Тевдовски, рече дека за жал на оваа тема во Македонија е малку направено. 

- Имаме приоритет вработените од Министерството за финансии и другите буџетски инститции да посетуваат обуки поврзани со овие прашања. Можам да кажам дека сега го подготвуваме законот за буџети и наш план е во него да се воведе делот за родово одговорно буџетирање, изјави Тевдовски.

Пратеничката Катерина Кузмановска, во новинарско прашање до министерот за транспорт и врски, праша што е подетално планирано за инфраструктурното поврзување на Струмица со граничниот премин Ново Село. 

Сугаревски рече дека согласно програмите на ЈП за државни патишта  е предвидено реконструкцијата на овој правец да почне во јуни годинава. 

- Тоа се планира да биде направено во рок од 12 месеци и убеден сум дека согласно динамиката овој патен правец ќе биде целосно реконструиран и завршен, изјави Сугаревски. 

Посочи дека е планирано да се направи и експресен пат од Струмица до границата со Бугарија и дека проектната документација за него треба да биде завршена до 2019 година.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваат на седницата за собраниски прашања. 

Министерот за економија Кресник Бектеши и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска не беа присутни на седницата за пратенички прашања. 

 

 

 

29.03.2018 - 14:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега