Денеска е Велики вторник: Денот на кој Господ изрекол многу поуки

На Велики Вторник верниците си спомнуваат за настаните што се случиле на тој ден.

Црквата определила на богослуженијата во овој ден да се читаат текстовите од Светото евангелие што ги опишуваат настаните од Христово време што се случиле токму на Велики Вторник.

На овој ден, Господ Исус Христос изрекол многу поуки и параболи, меѓу кои и познатите: За талантите и за Страшниот суд (Матеј 25,1-26,1); За воскресението на мртвите и За најголемата заповед (Матеј 22,15-46), како и За укорувањето на книжниците и фарисеите, пророштвото За разрушување на Ерусалим (Матеј 23,1-39) и други.

Со овие содржини верниците се поучуваат на особена мудрост и бдеење врз својот духовен живот и тоа секој според своите даренија од Господа и според својата моќ и залагање.

Библистите, пак, велат дека токму на Велики Вторник Господ Исус Христос изговорил најмногу поуки и параболи во Ерусалим. Тој ден е Неговото најобилно поучување пред да започнат: предавството, прогоните, маките и страдањата, кога веќе не можел да поучува. Тоа се Неговите последни опомени пред да бидат извршени злосторствата врз Него. Тој ден е Неговиот последен ден за поука во храмот. Така го започнал денот – со доаѓање во Ерусалим и со влегување во храмот за да поучува.

Првата Негова беседа е За Христовата власт и право да поучува во храмот (Матеј 21,23-27; Марко 11,27-33; Лука 20,1-7), бидејќи првосвештениците, книжниците и старешините, тоа Му го оспорувале и Го прашале од каде Му е таа власт и право?

Во продолжение од спасителната проповед на Христа во храмот ја изговорил Параболата за двата сина (Матеј 21, 28-32), со која ги укорил јудејските старешини за нивното лицемерно однесување, како што направил едниот син којшто му рекол на татка си дека ќе го послуша, а не го направил ветеното. Со тоа ги потсетил на нивното противбожие – на нивната непослушност кон Бога и човекољубиво им дал до знаење дека и во тој ден можат да се откажат од злото – вратата на милоста им е отворена.

Со иста порака, но поконкретно и посилно ги предупредил и со следната Парабола за лошите лозари (Матеј 21,33-46; Марко 12,1-12; Лука 20,9-19). Со неа ги опоменува не само јудејските старешини и свештеници, туку и народот што отпаднал од Бога и станал богоборец, а бил решен да биде и богоубиец. Тој богоизбран народ станал богоубиствен народ и отпаднал од Бога, па затоа, не тој, туку други ќе влезат во царството Божјо.

Во таа смисла, продолжил со Параболата за отфрлениот камен (Матеј 21, 42-46; Марко 12,10-11; Лука 20, 17-19), а тоа е Спасителот Господ Исус Христос – краеаголниот камен врз кого е положена Црквата, верата и спасението. Без тој камен не се ѕида ништо, туку сè се урива и пропаѓа во амбис.

Потоа, заради симболиката на недостојните за спасение, ја кажал Параболата за свадбената гозба на царевиот син (Матеј 22,1-14; Лука 14,16-24), од којашто бил исфрлен оној што недостојно влегол на заедничката трпеза на радоста и славата.

Кога виделе како јавно ги напаѓа пред народот во храмот, верските и народни старешини, почнале на Христа да Му поставуваат двосмислени прашања, со цел да Го обвинат пред луѓето затоа што се приврзал кон едната или кон другата страна. Од таков вид и со таква цел било прашањето од фарисеите и иродовците: За плаќањето данок на царот (Матеј 22,15-22; Марко 12,13-17; Лука 20,27-40). Најпрво, лукаво Му поласкале, за да Го поттикнат да каже лошо, велејќи Му: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се боиш од никого, оти не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји.“ Лицемерно Го охрабриле и веднаш Го прашале: „Треба ли да се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“

Ако речел дека не треба да се плаќа данок на царот, веднаш, уште оттука, ќе Го земеле со царската војска што била пред храмот и ќе Го затвореле, ќе Го осуделе и ќе Го распнале како бунтовник и противник на царот. Ако речел, пак, дека треба да се плаќа данок на царот, тогаш еврејскиот народ што го слушал во храмот ќе се налутел и разгневено ќе Го напуштел, заминувајќи си од кај Него, бидејќи власта била туѓа – римска и тие биле поробени, па не ја сакале власта и правеле отпор кон неа.

 

И навистина, со овие прашања, без да знаат „мудрите“ прашувачи, правеле добро за луѓето, па и за Христа, бидејќи му дале можност (добра шанса!) да им одговори на толку спорните прашања и да ги посрами пред народот. Затоа, сите молчешкум си заминувале од храмот, откако ќе го добиеле Христовиот одговор. Ќе се протнеле низ луѓето и да ги нема! Но, омразата и решеноста за злосторство им се зголемила. Тоа многу ги разгневило против Него.

Прашањето за најголемата заповед било постојано отворено прашање за спор и многу го поделила народот, бидејќи, најпрво биле поделени нивните учители и водачи, едни против други. Едните велеле дека е најголема заповедта за саботата, другите спореле и велеле дека е најголема онаа за жртвите, а некои – онаа за обрезанието итн. Никој не попуштал во својот став и сите ваделе аргументи против другиот, со години и со векови. Спорителите изумирале, а спорот останувал.

Во тој случај, Господ Исус Христос за која и да било заповед да се одлучел, сигурно ќе имал противник со друга заповед. Но, Спасителот го решил спорот, прифатливо за сите и апсолутно точно. Тогаш, ги кажал двете најголеми заповеди, во кои е збран целиот Закон и сите Божји заповеди. Рекол: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој раум; тоа е првата и најголема заповед; а втората е слична на неа: „Возљуби го својот ближен како себе си!“ (Матеј 22,37-39).

И што има да се каже повеќе!? Барале една, добиле две. Добиле најкратко и најцелосно објаснување. Го добиле целиот Божји закон во двете најголеми заповеди. Во нив е опфатен целиот Закон и сите заповеди. Бог, кога ги даде Десетте заповеди, ги напиша на две плочи: на првата, се четирите, кои говорат за љубовта кон Бога и нашиот однос кон Него, како една вертикала што нè води нагоре кон небото и духовното; и на втората плоча, се останатите шест заповеди, со кои се уредува нашиот однос кон ближните, ширејќи се во хоризонтала кон луѓето, од едната и од другата страна од нас.

Двете линии го формираат крстот на нашата љубов кон Бога и кон луѓето – крстот на нашето спасение, кое не е можно без Бога и без луѓето. Секој треба да Го види Бога во човекот и да му пријде на секој човек како на Бога – со љубов, ако сака да биде и со Бога. Директно кај Бога не може. Мора преку луѓето! Библиски е запишано: „Ако некој рече: Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не го видел?“ (1. Јов. 4,20).

Разговорот продолжил и сега, Господ Исус Христос ги прашал фарисеите: За Месијата и од чиј род потекнува? (Матеј 22, 41-46; Марко 12,35-37; Лука 20,41-44). Тие одговориле дека е од Давидовиот род, а Он го потврдил нивниот одговор за точен и ги прекорил за нивното станување против Спасителот, дека знаат, а се против.

Тоа е голем грев и хула против Бога, бидејќи е сознателно противење на вистината и свесна определеност за злото. Тие се нашле посрамени и немоќни. Во Евангелието се вели: „И никој не можеше да Му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша“ (Матеј 22,46).

По ова, Христос почнал и пред народот остро да говори против книжниците и фарисеите и да го разобличува нивното лицемерие и лага (Матеј 23,1-12; Марко 12,38-40; Лука 11, 39-52; 20,45-47). Тие Негови зборови се многу силни и осудителни. Он јасно ги разоткрива кои се и какви се, а кажува и што ги чека како казна за тоа. Тоа се потресни зборови на Божјиот суд за грешниците и противбошците.

 

 

 

03.04.2018 - 08:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега