Димовски: Мирот и стабилноста на овие простори долго време се посакувани вредности
На 98-миот РОС-РОТ семинар кој што започна денес во Собранието на Република Македонија, а се однесува на зајакнување на Европскиот мировен проект, свое воведно обраќање имаше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој што го отвори и ги поздрави присутните на семинарот и истовремено нагласи дека овој семинар се одржува во Република Македонија во време на засилени дипломатски активности на планот на евро-атланската интеграција на земјата.
-Ми претставува особена чест и задоволство во име на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на НАТО и во мое лично има да ви посакам добредојде и да го отворам денешниот РОС-РОТ семинар. Оваа е 98-ми Рос-Рот семинар, а истовремено и седми што се одржува во Република Македонија. Овој семинар е особено важен, имајќи го предвид фактот што истиот се одржува во време на засилени дипломатски активности на Република Mакедонија на планот на евро-атлантската интеграција, рече Димовски.
Имено, Димовски додаде дека овој РОС-РОТ семинарот и темата на која што се разговара е уште еден доказ дека вниманието на НАТО врз Западен Балкан продолжува и дека мирот и стабилноста на овие простори се единствените посакувани вредности кои се основа за здрави и стабилни општества.
-Парламентарното собрание на НАТО, во повеќе наврати дискутира и усвојува резолуции и препораки за земјите од Западен Балкан, вклучително и за Република Македонија. И темата на Рос-Рот Семинарот одржан минатата година во Љубљана, Република Словенија беше: “Заблудите од минатото, сегашните предизвици и напорите за иднината за стабилноста и безбедноста во регионот на Западен Балкан”, што само по себе укажува дека вниманието на НАТО врз Западниот Балкан продолжува и со темата на овој семинар. “Евроатлантска интеграција на Западен Балкан: зајакнување на Европскиот мировен проект”, која е сèуште актуелна тема и нè обединува сите во овој регион, но е и тема која не смее никако да ги остави индиферентни и другите држави членки на НАТО и на Европската унија и кои се залагаат за меѓусебно почитување, регионална и глобална стабилност, мир, просперитет, соработка, вредности кон кои тежнееме и се подеднакво значајни за сите нас. Влогот во нив треба да се смета како наш приоритет во реализацијата на нашите национални политики. Мирот и стабилноста пак, на овие простори веќе долго време се посакувани вредности. Тие се основата за стабилни и здрави општества, додаде во своето обраќање Илија Димовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа