ФОТО: Бугарска верзија на македонскиот роман „Сестрата на Зигмунд Фројд“

Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски, преведен на преку дваесет јазици во светот, деновиве е објавен и во Бугарија. Издавач на делото на Смилевски е „Колибри“ од Софија, а автор на преведот од македонски на бугарски јазик е Божидар Манов, професор на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, кој е член на  меѓународното жири на годинашниот Филмски фестивал „Браќа Манаки“. Божидар Манов е преведувач и на романот „Разговор со Спиноза“, објавен на бугарски во издание на „Колибри“ во 2010 година.

 

Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“, печатен во рамките на едицијата „Современа европска проза“, веќе ја доживеа својата бугарска промоција на неодамна одржаниот Фестивал на уметноста „Аполонија“ во Созопол. На промоцијата за романот на Смилевски зборуваа преведувачот Божидар Манов и издавачот Рајмонд Вагенштајн. Бугарскиот весник „Сега“ во својата традиционална рубрика „Изданија на неделата“ го избра романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ заедно со книгите „Трагедии“ од Софокле, „Дервишот и смртта“ од Меша Селимовиќ и „Софиската Света Софија и нејзините проучувања“ од Асен Чилингиров.

За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија,  а минатата година Наградата за медитеранска култура.

 

 

16.09.2013 - 10:44

најчитано сега